Амандманската расправа за ребалансот на Буџетот за 2015 собраниската Комисија за финансирање и буџет ќе ја продолжи утре во 10 часот, пренесе МИА.
Вчера собраниската Комисија за финансирање и буџет го одржа второто продолжение на расправата.
Причина за ребалансот на буџетот се повисоките буџетски приходи
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во образложението пред членовите на Комисијата, посочи дека причина за ребалансот на Буџетот за 2015 година се остварените повисоки приходи. Во првите шест месеци од годинава Македонија има за 14 отсто повисоки буџетски приходи во однос на истиот период минатата година. Прибраните приходи се повисоки од планираните и тие со предложениот ребаланс на буџетот ќе се преточат на расходната страна за политики, мерки, активности и проекти кои беа најавени.
Ставрески потенцира дека реализацијата на Буџетот на расходната страна се одвиваше согласно предивиденото. Буџетскиот дефицит во првите шест месеци достигна 9,521 милијарда денари што е 1,7 проценти, и е точно половина од предвидениот на 3,5 проценти. Вкупните приходи се за 2,583 милијарди денари повисоки во однос на 2014 година, додека расходите достигнаа ниво од 87,652 милијарди денари што е 5 проценти повеќе во однос на 2014 година и е во рамки на проектираното.
Вкупните даночни приходи во првите шест месеци од годинава се реализираа во износ од 78,131 милијарда денари што е за 14 проценти повеќе во однос на претходната година. Значително повисоки приходи во однос на 2014 година за шест проценти повисоки во однос на планираните со буџетот за 2015 година, рече Ставрески и појасни дека кај даночните приходи има намалување на ДДВ, но оти тоа е компензирано со повисоките приходи од данокот на добивка и акцизите.
Кај данокот на добивка приходите се за 4,964 милијарди денари повисоки, додека кај акцизата има повисоки приходи за 704 милиони денари, приходите од ДДВ се пониски за 911 милиони денари.
Како што посочи министерот, во однос на приходната страна социјалните придонеси се повисоки од планираното за 8,2 процента при што кај пензикото осигурување се реализирани 15,912 милијарди денари, додека здравственото со 6,510 милијарди денари.
За расходната страна Ставрески рече дека расходите во првите шест месеци достигнаа до 87,652 милијарди денари што е 5 проценти повеќе во однос на 2014 година и е во рамки на проектираното.
Нема кратење на платите, пензиите, субвенциите…
Како што потенцира, редовно се исплаќаа сите буџетски корисници во делот на платите, стоки и услуги, и трансфери во чии рамки се реализираа и предвидените мерки за зголемување на социјалната помош, редовна исплата на пензиите, субвенциите и слично.
На расходната страна нема кратење кај ниту еден буџетски корисник, затоа што и немавме причина бидејќи Буџетот претходно беше поставен на таква основа секаде каде што можеше да се заштеди да се скрати и тоа беше направено во текот на проектирањето на буџетот за 2015 година и во претходните години. А од друга страна сакавме да ги заштитиме социјалите категории и да овозможиме да има доволно средства за капитални инвестиции и таа политика и таа ориентација останува и во рамки на ребалансот на Буџетот за 2015 година, истакна министерот Ставрески.
Повеќе сретства за капитални инвестиции
Како што образложи Ставрески, со ребалансот на Буџетот кај капиталните расходи е предвидено за 1,115 милијарди денари повеќе средства при што со овие средства ќе се интензивираат активности за неколку проекти што се од приоритетно значење.
Најголем износ од овие средства ќе биде издвоен за проектот за гасификација на делницата Клечовце – Штип кој изнесува 370 милиони денари. Дополнителни 377 милиони денари се обезбедени за проширување на сметките за проекти за водоводи и канализации во сите општини во Република Македонија. Дополнителни 222 милиони денари има за Министерството за образование и наука за финансирање на реонструкција и реновирање на училишта. Предвидени се и дополнителни 60 милиони денари за финансирање на реконтрукцијата на Студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Со ребалансот на Буџетот се обезбедуваат и дополнителни средства за мерките и политиките во делот на социјалната заштита на населението, особено за ранливите категории. Очекувањата се дека предвидените проекции во ребалансот да ја одиграаат својата улога и да обезбеди развојна компонента и да ги заштита сите социјални категории.
Според деловникот на Собранието, расправата за ребалансот на буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет треба да заврши за 10 работни денови, по што ќе биде проследен на пленарна седница.
За ребалансот на буџетот за 2015-та повеќе на следниот линк.