Распределени возните линии за меѓуопштински и меѓународен превоз

На транспарентен начин денеска електронски беа распределени возните редови за вршење на меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информираше дека и оваа година биле поднесени голем број апликации.

-Од 1 октомври од 9 часот, кога беше отворен самиот систем, до 2 октомври до 9 часот има вкупно 461 апликација, две повќе од минатата година. Една компанија аплицирала 121 пат, но тоа е зададено право, иако можеби тој што аплицирал е свесен дека не може да ги добие сите линии. За меѓународни возни редови имаше 193 апликации за нови и 6 апликации за промена на постоечки линии, истакна Јанакиески.

Овој систем е воспоставен од 2009 година и заклучно со денес, ресорното министерство има издадено 4989 лиценци за вршење на превоз во патничкиот сообраќај, од кои 665 лиценци за вршење на јавен превоз на патници и 234 лиценци за вршење на превоз за сопствени потреби, 2779 за јавен превоз и 1311 лиценци за вршење на превоз за сопствени потреби.

Од наредната година ќе може да аплицираат само превозници кои поседуваат возила со најмалку Еуро 2 еколошки стандард.

Јанакиески потсети дека Владата овозможи увоз на Еуро 3 автобуси и ги повика превозниците доколку имаат стари автобуси истите да ги заменат со понови.

-Во Македонија има и најави за подобрување на инфраструктурата од аспект на изградба на нови автобуски станици или реконструкција на постоечки, а тоа исто така го подобрува квалитетот на услугите кон граѓаните. Уште една значајна измена е тоа што во наредните 6 месеци сите туристички агенции ќе се поврзат на системот за електронска продажба на билети и тогаш и автобуските станици и туристичките агенции ќе продаваат карти на ист систем, а со тоа ќе се оневозможи продажба на еден билет по два пати, додаде министерот.

Аплицирањето е бесплатно, а превозниците се задоволни од добиените линии.

-Добив линија Скопје- Букурешт. Догега никој не возел за Романија и задоволен сум. Според нашите планови во еден правец билетот би чинел 40 евра, додека повратниот 70, истакна Ѓорѓи Вчков од Македонија сообраќај.

-Со распределбава на линиите ја добивме линијата Скопје-Дортмунд, рече Јовчевски Зоран од туристичката агенција Цонка Туризам.