Раст на цените на нафтата поради загриженоста за снабдувањето од Русија

Цените на нафтата на меѓународните пазари во петокот пораснаа за две отсто, главно поради загриженоста за снабдувањето од Русија.

Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна во пладневното тргување за 1,40 долари во однос на затворањето на тргувањето во четвртокот, на 82,38 долари. Со барелот на американскиот пазар се тргуваше по 1,49 долари повисока цена, од 78,98 долари. Цените и на двата пазара се на патот на раст втора седмица со ред.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави денеска дека во четвртокот барелот кошница референтна нафта на нејзините членки во однос на претходниот трговски ден пораснал за 1,78 долари, на 81,14 долари.

Русија би можела да го намали производството на нафта за 5 до 7 отсто од почетокот на 2023 година, како одговор на ограничувањето на цените од страна на Западот проследено со санкции за оние компании коишто ќе ги осигурат и извршат транспортите на руската нафта над 60 долари за барел. Ваквиот одговор на Москва, го најави во петокот претпладнето рускиот вицепремиер и поранешен министер за енергетика Александр Новак.

„Цените на сировата нафта пораснаа бидејќи трговците со енергенси се фокусираат на реакцијата на Москва на ограничувањето на цената на руската нафта, а не толку на илјадниците откажани летови коишто ќе ги нарушат празничните патувања во САД“, вели за Reuters Едвард Моја, аналитичар од OANDA.

Повеќе од 4.400 летови во САД се откажани последните два дена поради зимската бура, што се совпаѓа со празничната сезона на масовни патувања за кој се оценуваше дека може да биде најфреквентната досега.

Во четвртокот цените на нафтата од двете страни на Атлантикот паднаа поради укинувањето на летовите. Снежната бура, исто така, би можела да ги наруши плановите на возачите за подолги патувања во текот на неработните денови за Божик и Нова година, со што се намалува потрошувачката на бензините.

Меѓутоа, побарувачката на масла за загревање би можело да се зголеми, бидејќи се очекува дека екстремните временски услови ќе предизвикаат прекини во снабдувањето со електрична енергија.