Трошоците на живот во декември во однос на ноември лани се зголемиле за 0,3 отсто, а цените на мало за еден процентен поен.
Како што објави во средата Државниот завод за статистика, трошоците на животот во 2019 година, во однос на 2018 година, бележат пораст од 0,8 проценти, а цените на мало се на исто ниво како и минатата година.
Минатата година има пораст на трошоците на живот во групите: Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 5,6 проценти, Здравје за 2,7 проценти, Храна и безалкохолни пијалаци, Рекреација и култура за 1,6 проценти, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 1,2 проценти, Ресторани и хотели за 0,9 проценти.
Намалување, пак, е забележано во групите: Транспорт за 2,2 проценти, Комуникации за 1,7 проценти, Облека и обувки за 1,5 проценти, Образование за 0,4 проценти, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,1 процент. Групата Останати стоки и услуги е на ниво од претходната година.
Кај движењето на цените на мало во 2019 година, има пораст во групите Индустриско-прехранбени производи за 1,4 проценти и Земјоделски производи за 0,4 проценти, а намалување на индексите кај Пијалаци за 1,5 проценти, Услуги за 0,3 проценти, Индустриско непрехранбени производи и тутун за 0,1 процент.
Трошоците на животот во декември 2019 година, вo споредба со декември 2018 година, забележаа пораст од 0,4 проценти, а цените на мало намалување од 0,2 проценти.