Растат нагаѓањата по исчезнувањето на кинескиот министер за надворешни работи

Невообичаено долгото отсуство од јавноста ги поттикна во западните медиуми нагаѓањата за тоа каде се наоѓа кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг.

Педесет иседумгодишниот Чин Ганг, кој на должноста стапи во март годинава, последен пат се појави на официјален настан на 25-ти јуни, кога во Пекинг го прими заменикот на рускиот министер за надворешни работи Андреј Руденко.

Кинеското министерство за надворешни работи тогаш не објави фотографија од средбата. Чин Ганг од тогаш не е виден, пишува германската новинска агенција DPA.

Се забележува дека Кина го откажала состанокот на министерот Чин Ганг со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел, кој бил планиран за 10-ти јули, само неколку дена пред да се одржи. Причините не се наведени.

Чин, исто така, не присуствуваше на состанокот на министри за надвореши работи во Џакарта на состаноците на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (ASEАN) и партнерските земји, откако Пекинг неговото отсуство беше објаснето со здравствени причини.

Наместо него, во Џакарта отпатува кинескиот највисок дипломат Ванг Ји, кој е над Чин Ганг во хиерархијата на власта во Кина.

Запрашан минатиот четврток зошто Чин Ганг не присуствуваше на состанокот на ASEAN, портпаролот на министерството за надворешни работи одговори тогаш дека тоа не било возможно поради здравствени причини. На повтореното прашање во понеделникот за долгото отсуство на министерот во јавноста, портпаролката на кинеската дипломатија рекла само дека „нема информации по таа тема“.

Чин Ганг беше кинески амбасадор во Вашингтон, пред да биде именуван за министер за надворешни работи. Претходно беше заменик министер за надворешни работи и шеф на протоколот на државниот и партиски орган на претседателот Кси Џинпинг во периодот од 2014 до 2017 година. Го сметаат за националистички тврдолинијаш, но како амбасадор во САД дејствуваше помалку конфронтирачки отколу пред именувањето на таа должност.