Расте бројот на заболени од акутни заразни болести

Во текот на месец декември, до Институтот за јавно здравје, пристигнати се вкупно 1.623 пријави за заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 88.4 на 100.000 жители.

Вкупниот број пријавени лица во месец декември е за 92.8 проценти зголемен во однос на претходниот месец, ноември. Во однос на месец декември 2023 година, се регистрира зголемување на пријавените лица од акутни заразни заболувања за 4.6 проценти, а во однос на аритметичката средина за десетгодишниот период, се регистрира зголемување од 8.0 отсто.

Како што информираат од Институтот, во декември, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 1.025 пријавени лица.

Од групата на сексуално и крвно преносливи инфекции, без ХИВ/СИДА, регистрирани се 22 заболени лица. Пријавени се седум случаи на сифилис, шест случаи на вирусен хепатит Б, пет на вирусен хепатит Ц и четири на инфекција со хламидија.

Евидентирани се и четири случаи на голема кашлица и два на заразни заушки.

Првиот случај на заразни заушки е на возраст од осум години од Ресен, невакциниран. Вториот случај е дете на возраст од 10 години од Гевгелија, комплетно вакцинирано. Во двата случаи дијагнозата е клинички потврдена.

Во декември, пријавени се два случаи потврдени на ХИВ, од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 40 до 49 години. Регистриран е еден смртен случај од СИДА, пријавен како заболен во ноември, 2024 година, од машки пол, кој припаѓа на возрасната група од 20 до 29 години.

Шест случаи на Ковид-19 се евидентирани во последниот месец од 2024 година.