Јужноафриканскиот Национален институт за заразни болести (NICD) потврдија 22 случаи на зараза со варијантата на коронавирусот B.1.1.529 во земјата, додека Европската комисија во петокот најавува ограничувања на воздишниот сообраќај со југот на Африка поради стравот од ширењето на заразата.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, порача преку објава на Twitter дека Комисијата ќе предложи, во координација со земјите членки на Европската унија, активирање на вонредните овластувања за да се запре воздушниот сообраќај од регионот на јужна Африка поради стравувањата од ширењето на варијантата на коронавирусот B.1.1.529.
Научниците од NICD објавија дека станува збор за варијанта на коронавирусот SARS-CoV-2 со повеќекратни мутации, којашто ја сметаат за главен причинител на растот на бројот на заразите.
„За жал, во Јужноафриканската Република идентификувавме нова варијанта која е причина за загриженост. Варијантата којашто ја носи ознаката B.1.1.529, има многу голем број мутации и предизвикува скок на заразите“, оцени вирологот Тулио де Оливеира на вонредната прес-конференција.
Светската здравствена организација (СЗО – WHO) овој сој го означи како „варијанта којашто се следи“. Марија Ван Керков, техничката шефица на СЗО за Covid-19, изјави дека сега на располагање им се помалку од 100 секвенци од геномот на споменатата варијанта.
Ќе бидат потребни неколку седмици да биде донесена одлуката дали вари ќе стане „варијанта од интерес“ или „варијанта која предизвикува загриженоста“, и ќе ѝ биде дадено име од грчката алфабета, на пример „делта“.
Ван Керков појаснува дека големиот број мутации на варијантата би можело да го промени однесувањето на вирусот, но засега не се знае што тоа значи за ефикасноста на сегашните вакцини и лекови за Covid-19.
Оваа варијанта е идентификувана и во Боцвана и во Хонгконг, кај патници коишто пристигнале од Јужноафриканската Република.
Израел и Велика Британија веднаш воведоа ораничувања на патувањата од повеќе африкански земји. Британија ги укинува летовите од ЈАР, Боцвана, Намибија, Лесото и Зимбабве, а Израел на оваа листа го додаде и Мозамбик.
Во цела Африка вакцинирани се само 6,6 отсто од населението. Во Јужноафриканската Република со првата доза се вакцинирани околу 41 отсто од возрасните, а 35 отсто се целосно вакцинирани. ЈАР има околу 2,95 милиони заразени и 89.657 починати од Covid-19.
Џон Нкенгасонг од Центарот за контрола на болестите (CDC) на Африканската унија изјави дека целта е да се постигне 70-процентна вакцинираност на континентот.
Но и без оглед на речиси никаквата вакцинираност, бројот на новите коронаинфекции во Африка во однос на претходната седмица паднал за 11 отсто, а на смртните исходи за 15 отсто. Според африканскиот CDC, на овој континент досега се потврдени околу 8,6 милиони случаи на заразата, од кои 220.000 завршиле со фатален исход.