Растот на производствените цени во Германија соборува рекорди

Растот на производствените цени во Германија забележал нов рекорд во август, поттикнат од цените на енергенсите, покажуваат податоците кои во вторникот ги објави германското биро за статистика Destatis.

Производствените цени во август во Германија пораснале за 45,8 отсто во однос на истиот месец минатата година, најмногу од 1949 година кога германското биро за статистика почнало со објавување на податоците, надминувајќи го рекордниот раст од 37,2 отсто во јули годинава.

Во однос на претходниот месец, значи, биле поголеми за 7,9 отсто, што исто така претставува најголем раст откако Destatis ги објавува извештаите. Во јули пораснале на месечно ниво за 5,3 отсто.

Цените на енергијата во август повеќе од двојно се зголемени во однос на истиот минатогодишен месец. На месечно ниво зголемени се за 20,4 отсто.

Електричната енергија за дистрибутерите била речиси четири пати поскапа, а гасот е трипати поскап отколку во ланскиот август.

Кога ќе се исклучат цените на енергијата, производствените цени во Германија биле повисоки за 14 отсто.

Поради поскапувањето на енергијата забележително пораснале и цените на интермердијарните производи, за 17,5 отсто, но и трајните и нетрајните потрошувачки добра за 10,9 односно 16,9 отсто.

Храната поскапела за 22,3 отсто, со скок на цената на маргарините за 74,6 отсто во однос на минатогодишниот август. Скокнале и производствените цени на непреработените растителни масла за 51,4 отсто. Млекото и кафето биле поскапи за третина, а месото без живината за четвртина отколку во август минатата 2021 година.