Ратификациите на протоколите за членство на Шведска и Финска во НАТО пред собраниската Комисија за надворешна политика

Предлогот на закон за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на Кралството Шведска и Предлогот на законот за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на Република Финска, се на дневен ред на денешните седници на собраниската Комисија за надворешна политика и на Законодавно – правната комисија.

Владата на 17-ти овој месец ги пушти во собраниска процедура одделните Предлог-закони за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на Кралството Шведска и на Република Финска, со цел да се создадат формални правни предуслови, по стапувањето во сила на Протоколите, двете земји да може да пристапат кон НАТО.

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и членовите на Владата отворено ја поддржаа иницијативата на Шведска и Финска за членство во НАТО и уште во мај беше дадена согласност за прием на двете држави во НАТО.

– Протоколите кон Северноатлантскиот Договор во врска со пристапувањето на Кралство Шведска и Република Финска се потпишани во Брисел на 5 јули 2022 година од овластени претставници на државите-членки на НАТО, наведе владината прес-служба во соопштението од 17 јули.