Ратко Младиќ ќе ја обжали пресудата за доживотен затвор

Усмената расправа по жалбите против првостепената пресуда против поранешниот командант на Армијата на Република Српска, Ратко Младиќ, кој што е осуден на доживотен затвор, започна пред петчлениот апелационен совет на Механизмот за кривични судови во Хаг.

Ратко Младиќ лично присуствувал на рочиштето во судницата и носел заштитна маска на лицето, додека неговиот главен бранител Бранко Лукиќ вчера го откажал учеството, како и правниот советник Борис Зорко.

Тие не се согласуваат со начинот на кој Механизмот сака да ја спроведе оваа расправа, буквално по секоја цена, во време на пандемија со Ковид-19 и лошата здравствена состојба на нивниот клиент.

Сепак, бранителот Драган Иветиќ и правниот советник Пета-Луис Багот се присутни во судницата како дел од правниот тим за одбрана на Младиќ.

Рочиштето го отвори претседателот на Апелационата комора, судијата Приска Њамба, потсетувајќи се на текот на жалбената постапка и неколкуте одложувања што следуваа од март, поради операцијата што ја имаше Младиќ, неговото закрепнување, а потоа и пандемијата.

Ратко Младиќ беше осуден на доживотен затвор во ноември 2017 година за геноцид и други воени злосторства во Босна и Херцеговина, а следната година и обвинителството и неговите бранители поднесоа писмени жалби против пресудата.

Тој бил ослободен за геноцид, само по една точка на обвинението.