Германската полиција разбила педофилски синџир со преку 400.000 членови ширум светот и уапсила тројца осомничени во Германија и еден во Парагвај, соопшти во понеделникот Сојузното биро за борба против криминалот (BKA).
Членовите на една платформа преку кодираната мржа ткн Darknet разменувале фото и видео-материјал, кој според соопштението на BKA, содржел призори од „најтешко сексуално злоставување на мали деца“.
Во продолжението во објавата за јавноста се наведува дека полицијата во Германија во текот на април извршила претреси во седум објекти ширум земјата и притоа уапсила тројца мажи на возраст од 40 до 58 години „под основано сомнение за сторено кривично дела организирано растурање детска порнографија“.
Четвртиот осомничен, по меѓународен налог за апсење, е приведен во Парагвај и би требало да им биде предаден на германските власти.
Сите уапсени во Германија и Парагвај се германски државјани и според сознанијата на државното обвинителство во Франкфурт, коешто го води случајот, биле одговорни за техничко функционирање на платфората во скриениот дел од интернетот, односно Даркнетот.
Платформата, којашто функционирала под називот „Boystown“, постоела од 2019 година и главно се насочувала на детската порнографија со момченца.
Министерката за правосудство на сојузната покраина Хесен, Ева Куне-Херман, го пофали успехот на иследниците во борбата против сексуалното насилство над децата и младите.
„Зад секоја фотографија и видео се крие ужасно патење и најтешки судбини“, изјави Куне-Херман.
Во повеќемесечната истрага којашто претходела на апсењета, освен германските, учествувале и иследници од Холандија, Шведска, Австралија, САД и Канада.