Властите во Германија и Турција спроведоа во среда рано утрото рации во рамките на заедничка истрага за банда измамници кои се претставувале како полицајци и мамеле постари лица.
Три лица се приведени во западногерманската сојузна покраина Северна Рајна Вестфалија, а повеќе од 20 други во Турција, соопшти портпаролот на полицијата во Оснабрук. Додаде дека меѓу уапсените е водачот на криминалниот клан во Турција.
Бандата според сознанијата од жртвите на измамата извлекла повеќе од 3 милиона евра во околу 100 одвоени измами изведени во Германија, главно во западниот дел од земјата, пренесе германската агенција DPA.
Турската државна новинска агенција Anadolu пишува дека криминалци формирале лажен центар за повици наменет за стари лица во кој се претставувале како полицијаци или службеници на државното обвинителство.
Рациите се изведени во германските градови во Северна Рајна Вестфалија, вклучително Келн, Дортмунд и Оснабрук. Во Турција, полицијата рациите ги извела во покраините Анталија и Мугла, како и во Истанбул.