Реџепи во понеделник ќе открие што се случувало пред собраниската седница за гласање недоверба на Владата

Пратеникот Кастриот Реџепи најави дека во понеделник ќе има прес-конференција и ја повика неговата партија, Движењето БЕСА да не презема избрзани чекори кои ќе нанесат штета на партиските структури и активисти.

Потпретседателот на Движењето Беса, Кастриот Реџепи, во четвртокот исчезна и не се појави во парламентот, веројатно попишманувајќи се за соборувањето на Владата на Зоран Заев и СДСМ, откако пред петнаесеттина дена на Facebook објави дека Движењето Беса е подготвено за нова Влада без ДУИ.

„Почитувани пријатели и семејство, без разлика на вашите политички убедувања. Ви благодарам за грижата и поддршката што ми ја давате. Следниве денови ќе имаме можност подиректно да се информираме за сѐ. Во однос на медиумите и интересот ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето БЕСА да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активисти. Треба да се постапува внимателно“, напиша Реџепи на неговиот приватен профил на социјалната мрежа.

Во четвртокот вечерта лидерот на Движењето Беса, Биљал Касами, побара од надлежните органи да излезат со службена информација каде е пратеникот Кастриот Реџепи и дека гарантираат за неговата безбедност.

Реџепи објави видео дека е „добар и дека немал закани“, туку лично решил да не учествува на денешната седница за недоверба на владата, но во Беса се сомневаат во веродостојноста и доброволноста на изјавата.

„Властите да ни кажат дека пратеникот е здрав и жив и друго не е важно. Убедени сме дека ова видео е направено под присилба, зашто е направено во момент кога одам во полиција да го пријавам за исчезнат“, рече Касами.

Притоа, Касами додаде дека власта применува „криминални и терористички методи“ со кои, како што рече, може да дојде до 120 пратеници. По ова порача дека актуелната  власт е целосно делегитимирана и треба да замине.