Српската премеирка Ана Брнабиќ поттикна бран реакции и на домашната и на меѓународната политичка сцена со својата изјава дека Србија доколку биде принудена меѓу членството во европската унија и Русија ќе ја избере ЕУ, а реагираше и Москва со пораката дека не сака Белград да биде пред изборот „или или“.
Претходно седмицава во интервјуто за американската агенција Bloomberg, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија „доколку биде принудена да избира меѓу поблиските врски со Русија и членството во Европската унија, ќе се одлучи за ова второто“, а потоа за британскиот јавен сервис BBC изјави дека „Европската унија е партнер, а Русија е пријател“.
Првиот потпретседател на српската влада и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ порача дека Србија не го менува курсот на надворешната политика и останува на европскиот пат, негувајќи ги добрите односи со пријателите.
„Србија не ја менува својата надворешна политика, членството во ЕУ останува стратешка цел но не се одрекуваме од пријателските ниту блиските односи со Русија“, категорички порача Дачиќ кој во вторникот се сретна со рускиот амбасадор во Белград.
Дачиќ укажа дека „суштината на мудрата политика е да не дозволиме да дојдеме во дилемата ЕУ или Русија, раководејќи се од интересите на Србија“, наведувајќи притоа дека Белград во последните пет години „успеа да ги издржи сите притисоци“ и да остане на европскиот пат, а притоа да не ги расипува односите со пријателите како што се Русија и Кина.
„Јасно е дека одиме по европскиот пат, но исто така е јасен нашиот однос со Русија, чијашто поддршка е од клучна важност за територијалниот интегритет на Србија“, порача Дачиќ.
Со рускиот амбасадор се сретна и новиот српски министер за одбрана, Александар Вулин, порачувајќи дека односите меѓу двете земји „не можат да бидат условени со ништо освен со меѓусебните односи“.
„Владата ќе продолжи да ги спроведува политиките на претседателот (Александар) Вучиќ и неа да воведува санкции против Руската Федерација, бидејќи нашите односи не претставуваат закана за никого, исто како што ниту нашиот пат кон ЕУ на ниеден начин нема да ги ослаби постојните врски со Русија“, рече Вулин.
Министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ истакна дека членството во ЕУ останува „првата точка“ на андворешнополитичките ориентации на Белград, а слична порака испрати и вицепремиерката Зорана Михајловиќ, со оцената дека Србија „со досегашната европска политика, но и со заштитата на сопствените интереси, покажала дека со својот углед и стабилност може да биде единствената земја во Европа којашто на Русија не ѝ вовела санкции“.
Како што пренесува агенцијата Beta од Москва, портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова изјавила дека „изборот меѓу ЕУ и Русија е суверено право на Србија, но дека Москва искрено сака Белград да не биде ставен пред таквиот избор“.
„Ние искрено сакаме никој да не ја стави ниту Ана (Брнабиќ), ниту кого и да е пред изборот: или – или. Оптимално е да се биде и со едните и со другите“, изјавила Захарова.
На изјавата на Ана Брнбаиќ внимание ѝ посвети и руската меѓународна агенција Sputnik, која сугерира дека премиерката очигледно морала да даде отчет и да појасни дали агенцијата Bloomberg автентично го пренела нејзиниот став дека Србија, доколку биде принудена да бира меѓу ЕУ и Русија, ќе ја избере Унијата.
Од Брнабиќ се очекува и објаснување за тоа дали станува збор за промена на основите на државната политика „којашто се градеше со години“, откако американската агенција Bloomberg интервјуто со неа го објави под заглавието „Ако биде принудена, Србија ќе ја избере Европската унија, а не Русија“.
„Кога ќе се прочита разговорот (на Bloomberg сo српската премиерка Брнабиќ), јасно е дека таа оваа реченица, така соголена и брутално формулирана, не ја изговорила буквално. Но, кога ќе се анализираат нејзините пораки и одговорите на директните новинарски прашања за односот на Србија кон Брисел и кон Москва, произлегува дека насловот што го дал Bloombreg не е ниту целосно погрешен“, наведува Sputnik.