Реакции на оставката на британската премиерка Тереза Меј

Светските агенции во петокот го пренесуваат прегледот на најважните реакции на странските челници и институции на оставката на британската премиерка Тереза Меј изморена од бескрајниот лавиринт како да го спроведе истапувањето на Обединетото Кралство од Европската унија во што не успеа.

Борис Џонсон, еден од најверојатните кандидати за нејзин наследник на премиерската должност, оставката на Тереза Меј ја проследи со изјавата дека е „време за спроведување на брегзитот“. „Ви благодарам на Вашите стоички услуги кои го вложивте за нашата земја и за Конзервативната партија. Сега е време да ги послушаме (Вашите) повици: да ги збиеме редовите и да го спроведеме брегзитот“, се огласи на Twitter, Џонсон кој си поднесе оставка од должноста шеф на дипломатијата токму поради несогласувањата со Меј околу брегзитот.

Ништо не се менува за 27-мината, објави Европската комисија. „Ќе го почитуваме новиот (бртитански) премиер, но ништо нема да се промени. Нашата позиција е содржана во договорот за раздружувањето и во декларацијата за идните односи“, објави портпаролката на ЕК, Мина Андреева.

Портпаролката ја пренесе пораката на шефот на ЕК, Жан-Клод Јункер, дека со жалење ја примил најавата за оставка на Тереза Меј, „храбрата жена кон која негува големо почитување“ и со која и натаму ќе остане во контакт. Андреева додаде и дека Јункер ќе го почитува и ќе соработува со новиот британски премиер „кој и да биде“.

Ја почитувам оставката на британската премиерка, рече нејината германска колешка по должност, канцеларката Ангела Меркел. „Воопшто, (канцеларката) сака германската влада да продолжи тесно да соработува со британската влада (…), а така и ќе биде“, соопшти една од портпаролките на Меркел. Таа одби на прашање на новинарите да се изјасни за последиците од оставката на Меј врз процесот на брегзитот.

Неопходно е да се даде „брзо објаснување“ за брегзитот, смета пак францускиот претседател Емануел Макрон кој ја поздрави „храбрата работа“ на Меј. Оставката на премиерката „треба, исто така, да нѐ потсети, во овој момент на важниот избор, дека гласовите со коишто нешто се отфрла, а не се нуди алтернатива, водат во пат позиција“, рече Макрон алудирајќи на актуелните избори за Европскиот парламент на кој се стравува дека партиите од крајната десница ќе остварат добар резултат на штета на етаблираните десен и лев центар.

„Европската унија нема да му понуди подобар договор“ за брегзитот на следниот британски премиер, предупреди ирскиот министер за надворешни работи, Сајмон Ковни. Премиерот Лео Варадкар, пак, оцени дека изборот на новиот британски премиер би можел да води кон нова „за Ирска многу опасна“ фаза од преговорите за брегзитот.

Мандатот на британската премиерка се одвиваше во „многу служен период“ за односите меѓу Велика Британија и Русија, оцени во соопштение Кремљ и додава дека „внимателно“ ја следи ситуацијата по нејзината оставка. „За жал, не можам да се сетам на некој придонес во развојот на билатералните односи меѓу Русија и Велика Британија. Попрво би кажал дека се случи спротивното“, рече за медиумите портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.

„Речиси е невозможно да се запре тврдиот брегзит“ по оставката на британската премиерка Тереза Меј, смета шпанската влада. „Британската влада, британскиот парламент се единствените одговорни за излегување без договор и за последиците од него“, коментираше портпаролката на владата на Шпанија.