Реакции откако италијанскa карикатура ја прикажа ЕУ како Аушвиц

Италијанскиот карикатурист Марио Импорта предизвика полемики во земјата и странство, откако Европската унија ја прикажа како нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, а британскиот премиер Борис Џонсон како затвореник кој бега.

Импорта ја објави карикатурата на Твитер откако конзервативците на Џонсон освоија мнозинство на британските парламентарни избори.

Карикатурата го прикажува Џонсон како мавта со британското знаме додека бега од логорот со натпис „Европска унија“ на истото место каде беа испишани зборовите „Работата ослободува“ на влезот во нацистичкиот конц-логор.

Споредбата предивика серија критики меѓу политичарите, еврејската заедница во Рим, како некои уметници.

„Сеќавањето на Аушвиц и неговите жртви е болно кога се користи овој симбол и срамно се злоупотребува“, е еден од коментарите на Твитер налогот на Меморијалот Аушвиц.

По критиките во јавноста, Импорта ја замени сликата на нацистичкиот логор со тоалет.