Реал без проблеми на завршниот турнир на Евролигата

Во кошаркарската Евролига се одиграа третите натпревари од четвртфиналето. Фенербахче во Истанбул го совлада Монако со 89:78 и поведе со 2-1 во победи, додека Реал Мадрид е првиот тим кој веќе се пласираше на завршниот турнир.

Мадриѓаните ја победија Басконија и во третиот натпревар, сега на гостински терен со 102:98 и ја добија серијата со чисти 3-0. Марио Хезоња со 16 и Факунда Кампацо и Габриел Дек со по 13 поени беа најдобри за Реал, Маркус Хауард постигна 29 поени за домашната екипа.

Во Истанбул подобар беше турскиот претставник кој го совладаа Монако со колективна игра без исклучителна претстава, бидејќи петмина домашни играчи постигнаа меѓу 11 и 14 поени. Кај Монако, Алфа Диало беше најдобар стрелец на натпреварот со 23 поени. Четвртиот натпревар од оваа серија ќе се одигра во петок во Истанбул.

Претходно во вторникот победија Макаби Тел Авив и Барселона во третите натпревари од четвртфиналето. Израелскиот тим го победи грчкиот претставни Панатинаикос со 85:83, а Каталонците го совладаа вториот грчки претставник Олимпијакос со 82:80 по продолженијата во Грција. Макаби Тел Авив и Барселона водат со 2-1 , а четвртите средби ќе се одиграат во четврток во Белград односно Пиреја.