Реал и со играч помалку убедлив кај Селта, победничко враќање на Мајорка на Трајковски

Во првото коло од шпанското фудбалско првенство Реал Мадрид со 3:1 (1:0) победи на гостувањето кај Селта Виго, иако половина час играше без еден од своите најдобри играчи Лука Модриќ кој првпат во својата кариера доби директен црвен картон, а вкупно втор.

Модриќ беше исклучен во 56 минута по еден старт кој за најголемиот дел од аудиториумот па и за играчите на теренот беше сосема вообичаен и санкциониран со прекршок. Меѓутоа, по асистенција на ВАР, главниот арбитар Естрада досуди црвен картон откако храватскиот репрезентативец со крампоните крај самата аут-линија со крампоните од својата копачка го зафати Денс Сурарез во пределот на Ахиловата тетива. Бидејќи стануваше збор за очигледно ненамерен прекршок, се јавија забуни, но во прашање е новото правило кое го воведе водството на Ла Лига а се однесува токму на опасните стартови од задгрб, и тоа во пределот на Ахиловата тетива.

Во моментот кога беше исклучен Модриќ, Реал имаше водство од 1:0 постигнато во 12 минута преку Карим Бензема, а само пет минути откако остана со играч помалку „Кралскиот“ тим со прекрасниот удар од дистанца на Тони Крос го удвои водството. Прашањето на победникот го реши Васкез со погодокот во 80 минута за 3:0, а Селта намали во првата минута од судиското продолжение со голот на тинеџерот Лосада кој кусо претходно влезе во игра.

Во петокот вечерта Барселона во премирниот дуел од новото првенство беше поразена на секогаш непријатното за Каталонците гостување кај Атлетик во Билбоа. Стрелец на победоносниот гол за Баските беше во 89 минута ветеранот Адуриз, кој прекрасно со ножички биеше непосредно откако влезе како резерва.

Македонскиот репрезентативен напаѓач Александар Трајковски ги одигра последните петнаесетина минути во дебито за својот нов клуб Мајорка која во првиот дуел по враќањето во Примера со 2:1 го совлада Еибар. Мајорка по шест години се врати во најсилната шпанска лига, а враќањето да биде победничко се погрижија Дани Родригез во 4 и Пауло Оливеира кој постигна автогол во 75 минута, откако претходно во 57 минута му донесе израмнување на Еибар.

Реал Сосиедад успеа да израмни на 1:1 на гостувањето кај Валенсија од пенал дури во 11-та минута од судиското продолжение. Домашните во водство ги донесе Гамеиро во 58 минута.

Осасуна на гости го совлада Леганес со погодокот на Авила во 75 минута од мечот.

Вилјареал и Гранада ремизираа во мечот во кој беа постигнати осум погодоци, од кои шест во вториот дел. Првото полувреме заврши без предност за некој од противниците кои реализираа по еден пенал. Прво Казорла за домашните беше прецизен во 35 минута, а за гостите Феде Вико во шестата минута од судиското продолжение на првото поливреме. Мои Гомез во 53 минута го доведе во предност Вилјареал, Мачис израмни во 62-та, Жерард Морено три минути подоцна донесе нова предност за домашните која во 73 минута ја удвои Чуквуезе. Но Солдадо во 75 и Пуертас во 81 минута спасија бод за Гранада.

Во недела се играат мечевите: Алваес – Леванте, Еспањол – Севилја, Бетис – Вајадолид и Атлетико Мадрид – Хетафе.