Реал Мадрид го смени Манчестер Јунајтед на првото место на фудбалските клубови на светот откако во сезоната 2017/2018 забележал рекордни приходи, извести ревизорската куќа Deloitte.
Според податоците на споменатата ревизорска куќа, мадридски Реал минатата сезона заработил 750,9 милиони евра. „Кралевите“, кои лани трета сезона по ред ја освоија Лигата на шампионите, завршија на врвот од табелата на Deloitte првпат по сезоната 2014/2015, врз основа на податоците за заработката од продажба на влезници, договорите за рекламирање и за спонзорство.
На второто место е уште еден шпански клуб, Барселона со 690,4 милиони евра, додека англиски Манчестер Јунајтед, кој беше водечки во ова рангирање во последните две сезони, е трет со 666 милиони евра. Следат минхенски Баерн, англиски Манчестер Сити, француски ПСЖ па Ливерпул, Челзи, Арсенал и Тотенхем. Така, меѓу првите десет клубови, шест се од Англија.
Од Deloitte, исто така, го објавија и податокот дека првите дваесет клубови заедно заработиле рекордни 8,3 милиони евра, што е за 6 отсто повеќе од претходната сезона.