Фудбалерите на Реал Мадрид се пласираа во финалето на шпанскиот Суперкуп откако по возбудливиот дуел по продолженијата го совладаа градскиот ривал Атлетико со 5:3 во саудската предстолнина Ријад.
Тоа беше одличен натпревар со осум погодоци, низа пресврти и шанси за погодоци на двете страни. Атлетико поведе, но Реал со два гола го сврте резултатот. Атлетико потоа постигна два гола за нова предност, по што „Кралскиот клуб“ израмни, носејќи го мечот во продолженијата. Прашањето за победникот конечно беше решено во продолжението со два нови гола на „Лос Бланкос“.
Со влезот на Реал во финалето, Лука Модриќ има можност да го освои 24-от трофеј во дресот на „Кралскиот клуб“. Рекордери се Марсело и Карим Бензема кои ги освоија по 25 титули.
Атлетико поведе во седмата минута со голот на Марио Ермоза по центаршутот на Антоан Гризман од корнер. Реал израмни во 20. минута, исто така, од корнер. Лука Модриќ нафрли, а Антонио Рудигер со глава погоди за 1:1 „Кралскиот клуб“ го сврте резултатот по половина час игра со убавиот гол на Ферланд Менди, но на самиот крај на првиот полувреме израмни Антоан Гризман со одличен удар од работ на шеснаесетникот.
Тоа беше 174. гол за францускиот напаѓач во дресот на Атлетико, со што стана најдобар стрелец во историјата на клубот. До овој меч тој го делеше рекордот со Луис Арагонес.
Првата шанса во вториот дел Атлетико ја имаше во 54. минута. Самуел Лино шутираше, но го промаши голот. Тринаесет минути подоцна Карло Анчелоти го замени Модриќ, а наместо капитенот на Хрватска во игра влезе германскиот вереран Тони Крос. Модриќ беше испратен од теренот со овации, а Крос беше пречекан со свирежи од трибините кои не го заборавија неговиот коментар за трансферот на младиот 21-годишен Габрио Веига од Селта во Ал-Ахли. „Срамота е, на крајот, тоа е одлука за пари и против фудбалот“, изјави тогаш германскиот играч за врска, кој одби профитабилна понуда од Саудиска Арабија. Како „награда“, секој негов допир на топката беше проследен со свирежи.
Во 79. минута избраниците на Диего Симеоне стигнаа до нова предност. Голманот Кепа реагираше лошо, излезе неувреливо, не успеа да ја „расчисти“ топката која некако се одби од Рудигер во мрежата. Но, радоста на Атлетико беше краткотрајна. Само пет минути подоцна, во мешаницата во неговиот шеснаесетник најдобро се снајде Дани Карвахал кој погоди за 3:3. Интересно, сите три гола за Реал ги постигнаа дефанзивците. Во судиското надополнување на регуларниот тек на мечот, Брахим Дијаз можеше да му донесе победа на Реал, но неговиот удар ја „зачеша“ левата статива.
Реал во 116. минута стигна до нова предност. Карвахал нафрли, а Стефан Савиќ се обиде да ја „расчисти“ топката од шеснаесетникот, но ја погоди сопствената мрежа. Само една минута подоцна Атлетико можеше да израмни, но Гризман шутираше далеку од голот. Сите дилеми ги разреши во судиското надополнување кога Брахим Дијаз шутираше во празна мрежа, откако голманот на Атлетико, Словенецот Јан Облак при претходниот прекин отиде пред голот на Реал по израмнување.
Реал во финалето ќе игра против победникот од утрешната пресметка меѓу Барселона и Осасуна. Финалето е закажано за 14-ти јануари.