Фудбалерите на Реал Мадрид ја постигнаа и втората победа на стартот од сезоната на гостувањето кај Жирона со 4:1.
Домашните поведоа со голот на Борха Гарсија во 16 минута, но актуелниот европски шампион до крајот направи пресврт постигнувајќи четири погодоци. До крајот на првото полувреме израмни Серхио Рамос од пенал во 39 минута, Реал поведе со уште еден пенал кој во 52 минута го реализираше Карим Бензема, седум минути подоцна гол постигна Герет Бејл, а Бензема погоди и од игра во 80 минута.
Шпанските медиуми одбележуваат дека најдобриот играч од последното светско првенство, Хрватот Лука Модриќ, на овој меч ги одиграл само последните 13 минути, како и дека ова е трет натпревар во низа во кој влегува како резерва. На Суперкупот на УЕФА против Алтлетико Мадрид влезе во 60 минута, а на отворањето на првенството против Хетафе одигра 19 минути.
Во вториот дуел од вечерната неделна програма Севилја и Вилјареал одиграа без голови, додека претходно Еспањол ја победи Валенсија со 2:0 со головите на Гранеро во 62 и Борха Илгезијас во 68 минута.
Во саботата: Вајадолид – Барселона 0:1, Атлетико М. – Рајо Ваљекано 1:0 и Алавес – Реал Бетис 0:0, а во петокот: Хетафе – Еибар 2:0 и Леганес – Реал Сосиедад 2:2.
Во понеделник играат Леванте – Селта и Атлетико Билбао – Хуеска.
На табелата водат Реал Мадрид и Барселона со по шест бодови.