Реал во финалето на Суперкупот, Барса го утна стадионот

Фудбалерите на Реал Мадрид изборија пласман во финалето на шпанскиот Суперкуп, откако во првиот полуфинален дуел во средата во саудиска Џеда ја победија Валенсија со 3:1.

„Кралскиот клуб“ речиси рутински стаса до победата против „Лилјаците“, на кои ова им е првиот пораз во последните осум мечеви во сите натпреварувања. Головите за Реал ги постигнаа Тони Крос во 15, Иско во 39 и Лука Модриќ во 65 минута, додека за Валенсија почесниот погодок го постигна Дан Парехо од пенал во втората минута од судиското продолжение.

Реал поведе откако Крос го искористи невниманието на голманот Хаиме Доменех и на брзина изведе корнер погодувајќи го голот на Валенсија. Водството го удвои Иско од акција во која беше блокиран ударот на Модриќ, а стрелецот ја смести топката во противничката мрежа. Хрватот беше стрелец по акцијата која започна од Иско кој ја продолжи до Јовиќ кој го проигра Модриќ кој меѓу двајца противнички играчи итро шутираше за 3:0.

Во вториот полуфинален дуел во четврток се среќаваат Барселона и Атлетико Мадрид.

Интересно е што фудбалерите на Барселона во средата доцнеа повеќе од еден час на тренингот, бидејќи возачот на нивниот автобус ги однесе на погрешен стадион. Наместо во тренинг кампот на Ал Итихад, Барса стаса на стадионот „Крал Абдула“ на кој се играат натпреварите. Меѓу двата терена има повеќе од 30 километри, па низ метежот каталонскиот гигант со задоцнување стаса на вистинскиот стадион.

Според шпанските медиуми, Барселона и Реал за настапот ќе заработат по 6,5 милиони евра, додека Атлетико и Валенсија по 2,5 милиони евра. Победникот на Суперкупот ќе инаксира и дополнителни 3,8 милиони евра, а второпласираниот 2,8 милион, додека поразените полуфиналисти ќе добијат по 800.000 евра.

Шпанскиот Суперкуп се игра од 1982 година и секогаш во Шпанија меѓу побнедникот во првенството и осовојувачот на Купот на крало, а се играа по два натпревара. Во август 2018 година Барселона и Севилја одиграа еден меч во градот Тангер во Мароко. Тогаш и првпат на еден официјален натпревар во Шпанија е користен ВАР.

Ова е втората сезона по ред во која Суперкупот се игра надвор од Шпанија, а бројот на учесници е зголемен на четири екипи. За домаќин на овој мини-турнир конкурираше и Катар, но на крајот Саудиска Арабија ќе биде домаќин на четири последователни изданија на шпанскиот суперкуп, под 2020 до 2023 година.

Барселона има највеќе титули во националниот Суперкуп – 13, Реал Мадрид освои десет, Атлетико има две, а Валенсија една титула.