-4.2 C
Skopje
недела, ноември 24, 2024

Реалната инфлација е и до 100%, цените на основните намирници се дуплирани, а СДСМ се крие зад статистичка шминка, вели Митева

Власта на СДСМ и ДУИ лошата економска состојба се обидува да ја покрие со весела математика и статистичка шминка. Но и тоа не им помага, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

-Од статистика и статистички вратоломии гледаме дека стапката на инфлација изнесува само 10,5%, што само по себе е една од најголемите стапки на инфлација во Европа, а притоа власта не кажува дека основните животни продукти и потреби на граѓаните се поскапи и до 100%. Преку статистика го смалуваат процентот на реалната инфлација вметнувајќи производи кои граѓаните еднаш во годината или никогаш не ги набавуваат и така ја манипулираат јавноста. Стапката на инфлација на државата како статистички податок се пресметува со земање во предвид на цените на сите производи и услуги од кои прехранбените продукти и намирници се само мал дел. Во оваа пресметка се вклучени и производи и услуги кои не се користат секојдневно и граѓаните имаат помала потреба од нив и тие производи имаат незначителен раст на цената, што допринесува за навидум ниската стапка на инфлација. Но, всушност реалната инфлација се крие во покачувањето на цените на основните производи кои што граѓаните ги користат за живот, а тоа се горивата, струјата, општите прехранбени производи како леб, брашно, зејтин, млеко, месо итн. А тие се покачени и до 100%. Тоа се гледа по самиот факт што денес со 1000 денари не можат да се купат намирници кои до пред една година се купувале само за 500 денари. Или народски кажано струјата поскапела за 30%, а услугите за железнички транспорт по 1% и така се добива средна вредност од 10% поскапување, вели Митева.

Таа додава дека за неколку месеци лебот е поскапен за 100%, горивата исто така се речиси двојно поскапи, шеќерот само од април до сега се зголемил за 57%, млекото во споредба со лани е поскапо за 15%, маслото за јадење само од почетокот на годината е поскапено за 70%, брашното за една година е поскапо за 55%, струјата за 30%. Токму овие продукти и потреби опфаќаат 75% од трошоците за едно семејство во нивната месечна потрошувачка кошница и тоа само покажува каков драстичен пад на стандардот се случува. Власта и покрај ваквото енормно поскапување кое граѓаните го чувствуваат по својот буџет ги убедува дека инфлацијата е само 10%. Ковачевски и СДСМ го прават животот на граѓаните се потежок. Затоа, премногу е, протест за промени и предвремени избори се решението за излез од кризите, рече Митева.