Ребалансот на Буџетот денеска на владина седница

Ребалансот на Буџетот за 2019 година е подготвен од Министерството за финансии и денеска треба да биде разгледан на владина седница.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека подготовката на ребалансот е во финална фаза и дека тој треба да даде поддршка на капиталните проекти и на новите мерки за повисоки плати и за подобри услуги за граѓаните.

Една од мерките што ќе биде вградена во ребалансот е државата да ги покрива придонесите за здравствено и пензиско осигурување, доколку работодавачот ја зголеми платата на работниците во нето износ од 25 отсто од просечната плата.

Мерката треба да почне да се применува од октомври годинава. Министерката за финансии Нина Ангеловска на првиот ден од нејзиното преземање на функцијата, во интервју за МИА, потенцира дека мерката ќе се имплементира во последните два месеца од годинава, односно од 1 октомври.

-Пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средните компании и воопшто сите компании да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите, рече таа.