Рецепти за велигденската трпеза

Нема ништо поубаво од уживањето во празничната трпеза со семејството. Важноста на храната најмногу се истакнува на Велигден, бидејќи овој голем христијански празник симболички претставува почеток и обнова на животот, па и јадењето кое на овој празник се подготвува ја поддржува таа традиција.

Велигденскиот пост се смета за најстрог во христијанството и секогаш почнува во понеделник. Тој трае 40 дена, а кулминира на Велики петок и Сабота, за да на Велигденската недела посното мени се замени со раскошна велигденска трпеза.

Првиот мрсен ручек после големиот велигденски пост не само што би требало да биде вкусен и разновиден, туку е неопходно и храната да се сервира на убаво уредена маса. Подготовката на оваа свечена трпеза е вистинска прилика во вашиот дом да создадете атмосфера на блискост.

На трпезата задолжително се принесуваат шарени јајца, печено месо и разноразни деликатеси.

Еве неколку предлози што да подготвите за велигденскиот ручек.

ПЕЧЕНО ЈАГНЕШКО МЕСО СО КОМПИРИ

Состојки:

– 1 килограм јагнешко месо
– 500 грама компири
– 4 чешниња лук
– 5 гранчиња мајчина душица
– 1 гранче рузмарин
– 5 лажици маслиново масло
– сол и црн бибер

Подготовка:

Рерната загрејте ја на 250 степени. Исчистете го месото, посолете го и ставете му црн бибер. Излупете ги компирите и исечете ги на коцки. Исчистете го лукот и исечкајте го тенко. Ставете го месото во рерната. Компирите, маслото, рузмаринот и мајчината душица добро измешајте ги, додајте им сол и црн бибер и рамномерно распределете ги во тавчето. Печете во рерна 20-ина минути, а компирите повремено промешувајте ги. Пред крајот додадете го сечканиот лук и вратете го тавчето во рерна уште неколку минути.

Јагнешкото извадете го од рерна и оставете го да се олади. Сервирајте го месото на голема чинија заедно со компирите.

ЛЕПИЊА СО КРОМИД

Тесто:

– 400 грама брашно
– половина коцка квасец
– 1 лажичка сол
– 200 милилитри млако млеко
– 100 грама свинска маст

Фил:

– 800 грама кромид
– 300 грама сланина
– 400 милилитри кисела павлака
– 4 јајца
– сол, црн бибер, рендано мускантно оревче, ким

Подготовка:

Во средината на просеаното брашно обликувајте вдлабнатина и во неа ставете го стасаниот квасец, кој претходно сте го ставиле во малку млако млеко со лажичка шеќер. Измешајте го добро тестото, покријте го и оставете го околу 30 минути да нарасне.

Растопете ја свинската маст и оставете ја да се олади, па со една лажичка сол ставете ја во садот со нараснатото тесто. Измешајте ја смесата добро, па повторно оставете ја покриена 30-тина минути да нарасне.

Кромидот исечкајте го на тенки крукчиња, а сланината на ситни коцкички. Во тавче без масло пропржете ја сланината (околу 5 минути), додадете го кромидот и мешајте 15-ина минути додека не омекне.

Павлаката измешајте ја со јајцата, додадете ги кромидот и сланината, зачинете со сол, црн бибер и мускантно оревче и лесно измешајте ја целата смеса.

Тавчето во кое ќе печете намачкајте го со малку маргарин, развијте го тестото рамно на тавчето, врз него ставете го филот и одозгора попрскајте го со малку ким по желба.

Печете околу 30-35 минути во рерна загреана на 200 степени.

ЧОКОЛАДНИ ЈАЈЦА Состојки:

– 350 грама чоколадо
– 250 грама шеќер
– 2 жолчки од јајце
– 1 лажица мелено кафе
– 100 грама путер
– 1 кесичка ванилин шеќер
– чоколадо во прав
– чоколадни и шарени украсни трошки

Подготовка:

Чоколадото растопете го на пареа. Одвоено изматете ја жолчката со шеќерот, додадете го путерот, кафето и чоколадото. Од изладената смеса обликувајте јајца, па извалкајте ги во чоколадото во прав и украсете ги со трошките.


Велигденски венец со суво грозје

Велигденските празници се пред нас, тие не зближуваат, не собираат на заедничка трпеза, а атмосферата е посвечена кога трпезата е убава и за очите, подеднакво исто како и за непцето.

veligdenska 1234

Велигденскиот венец со суво грозје  е традиционален во повеќе земји за оваа пригода, се разбира и во Македонија, и ако до сега не сте го подготвиле, пробајте го нашиот проверен рецепт.

Потребни намирници: 500 грама брашно, 1 свеж квасец, 250 милилитри млако млеко, 100 грама шеќер, 1 лимон, 80 грама суво грозје, 1 ванилин шеќер, малку сол, 2 јајца, 100 грама путер.

За украсување ние ви предлагаме ( а украсувањето може да биде и по ваша желба) – 2 жолчки, 40 грама бадеми, велигденски јајца.

Подготовка

Ставете го брашното во подлабок сад и во средината направете длабнатина. Во длабнатината ставете ги нараснатиот квасец и една лажица шеќер. Замесете го тестото и оставете го да стасува 15 минути. Размесете го тестото и додадете ги преостанатиот шеќер, ванилиниот шеќер, изренданата лимонова кора, јајцата, путерот и преостанатото млеко. Оставете го да стасува уште 15-тина минути, па додадете го сувото грозје свалкано во брашно.

Поделете го тестото на три еднакви дела и формирајте ленти со должина од 50 сантиметри. Од лентите направете плетенка и свиткајте ја во венец со пречник од 35 сантиметри. Венецот ставете го во немрснета тава обложена со хартија и оставете го да стасува 30-тина минути. Премачкајте го венецот со изматени жолчки и наросете го со исечкани бадеми (рендана чоколада, суво грозје, или по желба).

Печете 30-тина минути на температура од 170 степени.

Изладениот венец ставете го на елеагантна чинија, а во средината ставете неколку велигденски јајца.