Нафтениот гигант „Shell“ во четвртокот извести нето добивка од 9,65 милијарди долари во првиот квартал од годинава, благодарение на силната заработка од трговијата со гориво и поголемата продажба на течен природен гас (LNG).
Од „Shell“ известија за прилагодена заработка од 9,65 милијарди долари во првиот квартал во 2023 година, надминувајќи ја прогнозата на аналитичарите на компанијата од 8 милијарди долари. Во првиот квартал од 2022 година заработел 9,1 милијарди долари и 9,8 милијарди долари во претходниот квартал. Во цела минатата година имале рекордна добивка од 40 милијарди долари.
Британската компанија извести за големата добивка откако другите нафтени гиганти, како британскиот „BP“, американскиот „ExxonMobil“ и норвешкиот „Equinor“, исто така, забележале одлична заработка, имајќи предвид дека секторот продолжува да има полза од силната побарувачка и нестабилноста на цените.
„Shell“ соопшти дека пониските цени на природниот гас во кварталот влијаеле на нејзиниот интегриран бизнис со гасот, со пад на профитот за 18 отсто на 4,9 милијарди долари. Но, тоа во голема мера било неутрализирано со скокот на профитот од 139 отсто во одделот за хемикалии и рафинирани производи на 1,8 милијарди долари.
Компанијата „Shell“, којашто е најголемиот светски трговец со течен придоден гас, објави дека производството на овој тип гас се зголемило на квартална основа благодарение на подолготрајното функционирање на системот во неговата пловечка постројка во Прелуд кај австралискиот брег.
Британската компанија ги задржа непроменети плановите за капитални расходи за 2023 година и ги планира во опсег меѓу 23 и 27 милијарди долари.
Главниот извршен директор на „Shell“, Ваел Саван, воведе нова управувачка структура откако ја презеде функцијата во јануари, вклучително и ставање на бизнисот со обновливи извори на енергија и нискојаглерод диоксид под одделот за рафинирање и продажба.
Резултатите на „Shell“, како и оние на нејзините конкуренти, веќе поттикнаа повици до британската влада да заземе построг став за оданочувањето на добивката на нафтените компании.
„И покрај очигледната нееднаквост во срцето на нашиот енергетски систем, владата се чини дека повторно и повторно ги прави истите грешки. Вистината е дека данокот на прекумерната добивка не успеа, а имаме нови докази дека низ сивите зони на даночниот систем на Обединетото Кралство, даночните обврзници и натаму продолжуваат да им даваат на нафтените и гасни компании дополнителни милијарди преку повратот на даноците“, коментираше за Reuters активистот на „Global Witness“, Александар Кирк.