Речиси 18 илјади помалку членови на СДСМ пријавени за гласање на лидер

Централната изборна комисија, задолжена за спроведување на вонредните внатрепартиски избори во СДСМ, коишто ќе се одржат в недела, на 12 декември, информира дека согласно Правилникот за постапката и роковникот активно се регистрирани 51.228 членови на СДСМ а пријави се пристигнати и по истекување на предвидените рокови.

Партиската комисија донесе одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори.

– Гласањето на вонредните избори на 12 декември ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации ширум државата, почнувајќи од 08.00 часот наутро, се до 19.00 часот попланде, информираат од владеачката партија.

За време на минатите непосредни внатрепартиски избори во март, премиерот Зоран Заев како единствен кандидат доби нов мандат како претседател, а право на глас имаа 68.999 членови на партијата кои го ажурираа своето членство За Заев гласаа 60.840 социјалдемократи со право на глас, 888 биле „против“ и имало 249 неважечки ливчиња.

На овие избори Заев нема да учествува, а кандидати за него наследник се Димитар Ковачевски, Јован Деспотовски и Фросина Ременски.