Речиси половината Германци сметаат дека националната селекција не би требало да учествува на годинешното Светско фудбалско првенство во Катар поради кршењето на човековите права и експлоатацијата на работниците во градежништвото, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мнение кои за новинската агенција DPA го спровело институтот YouGov.
Дури 48 отсто од испитаниците се изјасниле за откажување на германската селекција на мундијалот во Катар, коешто ќе се одржи од 21-ви ноември до 18-ти декември. За учеството на Германија се изјасниле 28 отсто од испитаниците, додека 24 отсто немале став за настапот на избраниците на селекторот Ханси Флик во Катар.
Катар изминатите години беше жестоко критикуван поради системско кршење на човековите права и искористувањето на странските работници, како и бројните смртни случаи на градилиштата.
Германија во Катар во групната фаза ќе се соочи со селекциите на Јапонија, Шпанија и Костарика.