Редовната имунизација нарушена поради Ковид-19, потребно е зголемување на опфатот-апелираат од Лекарската комора

„Вакцинација е најдобрата заштита од сериозни заразни болести, но и една од најуспешните и најисплатливите инвестиции на јавното здравство, а лекарите имаат клучна улога во проширувањето на опфатот со вакцини“, истакнува Лекарската комора по повод Светската недела на имунизација, чие мото оваа година е „Долг живот за сите“.

Вакцините се безбедни и ефикасни, тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести, спасувајќи милиони животи секоја година.

„Поради пандемијата и засиленото антивакцинално движење имаме пад во опфатот со редовната вакцинација, особено со МРП вакцината во нашата земја, поради што е потребен заеднички ангажман да се врати неопходниот опфат од 95 проценти со кој се смета дека е постигнато задоволително ниво на колективна заштита“, стои во соопштението.

Постојниот комитет на европски лекари (CPME) и Коалицијата за вакцинација го истакнуваат заедничкиот став дека со рамномерен пристап до вакцините и зголемен опфат со вакцинацијата ќе се обезбеди долг и здрав живот. Како посебно ризични аспекти на пошироко ниво кои бараат интегриран пристап за решавање се смета тоа што поради пандемијата предизвикана од Ковид-19 се наруши процесот на редовна имунизација и ризикот кој доаѓа поради бегалската криза предизвика од воениот конфликт во Украина каде се смета дека опфатот со вакцинација е помал во однос на другите европски земји.

Коалицијата за вакцинација ги повикува европските земји да ги обезбедат следните активности: редовната вакцинација да се смета за приоритет за сите возрасни групи, особено за децата; возрасните, особено ризичните групи и постарата популација да се вакцинираат со бустер доза против Ковид-9, како и да се зголеми опфатот со оваа вакцина кај адолесцентите и децата; да се обезбеди бегалската популација, особено децата, да добијат лесен пристап до вакцинација; да се помогне на здравствените работници да започнат кампањи за вакцинација и да се поддржи зголемувањето на опфатот со редовна вакцинација кај бегалската популација и населението на земјите кои прифаќаат бегалци.