Редовната медитација делотворна за бактериите во цревата

Практикувањето медитација може да помогне во подобрувањето на состојбата со цревните бактерии, но е делотворно и за нивното психо-физичкото здравје, според ново истражување на научници од Кина и Пакистан. Трудот е објавен и во списанието „Генерална психијатрија“ (General Psychiatry).

Збогатувањето на цревната микрофлора на тој начин може да помогне во намалување на опасностите од лошото физичко и ментално здравје, вклучувајќи анксиозност, депресија и срцеви заболувања. Тоа може да влијае на мозокот, расположението и на однесувањето преку оската микрофлора – црева – мозок, велат истражувачите.

Тие испитувале примероци од крв и столица од 37 тибетски будистички монаси од три храма и 19 нивните соседни жители. Монасите практикувале длабока форма на медитација најмалку два часа дневно меѓу три и 30 години.

Заклучоците говорат дека микроорганизмите во цревата – вклучувајќи бактерии, габи и вируси, значително се разликуваат меѓу двете групи.

„Колективно, повеќето бактерии стекнати кај луѓето кои медитираат се поврзани со ублажување на менталните болести, што посочува дека медитацијата може да влијае на одредени бактерии коишто можат да имаат улога во менталното здравје… Долготрајната медитација ја зајакнува имунолошката функција на телото и ја намалува опасноста од кардиоваскуларни болести“, се вели во написот.

Сепак, тие нагласија дека испитувањата се недоволно обемни и дека сите вклучени монаси и Тибетанци живеат на голема надморска височина, што го отежнува генерализирањето во наодите.

„Генерално, овие резултати говорат дека медитацијата игра позитивна улога во психосоматските состојби и благосостојба“, се додава.

Друг научен труд, претходно објавен во списанието „Професионална и општа медицина“ (Occupational & Environmental Medicine), којшто опфатил 6.000 случајно избрани жители на Хелсинки, Еспо и Ванта во Финска, покажа дека честите посети на паркови и други зелени површини се поврзани со помала употреба на одредени лекови кај луѓето кои живеат во градовите.

„Почестите посети на зелени површини се поврзани со помала и поретка употреба на психотропни, антихипертензивни и лекови за астма. Предусловите не зависат од социо-економскиот статус“, вели заклучокот на истражувачите од финскиот Институт за здравје и благосостојба.

Тие, имено, откриле дека луѓето кои посетуваат зелени површини три до четирипати неделно имаат 33 отсто помала веројатност да користат лекови за ментално здравје, 36 насто намален ризик од лекови за крвен притисок и 26 отсто помали шанси за користење лекови за астма, во споредба со луѓето кои посетувале зелени површини само еднаш неделно.