Околу 19 милиони Романци денеска и утре ќе гласаат на референдум за уставни промени со кои бракот би бил дефиниран како заедница меѓу маж и жена, со што би се ставила забрана на хомосексуалните бракови.
За референдумот да биде валиден, потребно е да излезат 30 отсто од регистрираните гласачи.
Уставот на Романија сега вели дека бракот е заедница на сопружници, а иницијаторите на референдумот бараат бракот отсега да се дефинира како заедница меѓу маж и жена.
Од друга страна, критичарите на референдумот велат дека таквата промена на Уставот може да доведе до повреда на човековите права и да придонесе во дискриминацијата на хомосексуалците. Противниците на референдумот најавија бојкот, но според последните анкети, се очекува избирачите да гласаат за уставната измена.
Организирањето на референдумот претходно го поддржаа Романската православна црква, која им порача на граѓаните дека треба да се зачува бракот како заедница меѓу маж и жена. Ова гласање предизвика критики и од Европската Унија, која бара од Романија да ги исполни своите обврски во областа на човековите права.