Први на референдумското прашање „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција“ заокружија ЗА или ПРОТИВ, членовите на избирачките одбори кои треба да отпатуваат кај нашинците во странство. Право на глас имаат 104 членови и заменици членови кои треба во сабота да го набљудуваат референдумот во 33 дипломатски канцеларии каде за гласање се пријавиле 2.664 македонски државјани.
Референдумот ќе го набљудуваат околу 12.000 домашни и 500 странски набљудувачи. „Здружението за граѓански политики и иницијативи“ кое се појавува првпат, референдумот ќе го следи со вкупно 5.574 набљудувачи.
Од акредитираните странски медиуми најмногу акредитирала Ал Џезаира Балкан 15 новинари, потоа Асошиетед прес 11, ТВ Алфа од Грција тројца новинари, Австрискиот јавен сервис четворица, ТВ Антена исто така тројца, останатите медиуми имаат акредитирано по еден или по двајца новинари.
Рокот за пријавување на набљудувачи и медиуми заврши на 24 септември на полноќ.
На последното изјаснување на граѓаните на Македонија – Локалните избори на 15 октомври лани, беа акредитирани 5011 домашни и 337 странски набљудувачи.
Според Избирачкиот список право на глас имаат 1.806.336 граѓани. Референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата и во Градот Скопје.
Болните, изнемоштените, лицата во домашен притвор, затворениците и државјаните на Република Македонија во странство гласаат ден пред референдумот, на 29 септември.
Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот