Регистриран е втор случај на индискиот сој во земјава, Филипче вели нема место за паника

Индиската мутација на коронавирусот е потврдена уште кај еден пациент во Македонија кој се лекувал во приватна болница, потврди денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој објасни дека се работи за колега на првооткриениот случај со овој мутиран сој, а кој беше регистриран на 7 јуни. Како што посочи Филипче, и двајцата биле на работа во Ирак и со истиот лет се враќале во земјава, но кај вториот пациент симптомите се појавиле подоцна.

Министерот тврди дека состојбата е под контрола и дека овој пациент не претставува ризик.

– Нема никаков ризик и никакви дополнителни мерки нема потреба да се преземаат. Вториот пациент заразен со индиската мутација е колега на првозаразениот пациент којшто се лекуваше во една од приватните болници – рече Филипче.

Тој истакна дека кон крајот на месецот во Македонија ќе пристигнат поголеми количини на вакцини.

– Останува уште една недела до пристигнувањето на големи количини на вакцини, а нашите проценки се дека до крајот на летните месеци ќе заврши вакцинацијата на тој процент на граѓани кој е потребен за да се постигне колективен имунитет – истакна министерот.