Реинфекцијата со коронавирусот досега потврдена кај најмногу десет лица во светот

Во светот се наведуваат „изолирани“ случаи на повторна зараза со новиот коронавирус, но всушност глобално такви пациенти има многу малку. Досега се потврдени најмногу десет случаи на повторна зараза со вирусот SARS-CoV-2, вели директорката на руската Сојузна служба за надзор и заштита на правата на потрошувачите и благосостојбата на луѓето, Ана Попова.

Во интервјуто за весникот Комсомолска правда, Попова вели дека собирањето на статистичките податоци во моментов е во тек, а дека досега се потврдени најмногу десет сигурни случаи на повторна зараза со коронавирусот.

Додава дека станува збор за лица кои боледуваат од имунодефициенција, различни состојби кај кои имуно-системот не дејствува на соодветен начин, поради што инфекциите се зачестени и почесто се јавуваат, пренесува агенцијата ТАСС.

Според последните податоци на Wordometer, референтната интернет страница која дава увид во статистичките податоци во вистинско време за различни области, во светот досега со коронавирусот се заразени над 33,4 милиони луѓе, а од последиците на Covid-19 починале повеќе од милион пациенти.

Во Русија до вторникот се потведени 1.159.573 случаи на коронаинфекции, од Covid-19, досега се излекувале 945.920, а од последици на копликациите предизвикани од заразата починале 20.385 луѓе.