Струмичанецот Александар Барабановски, вработен во нелегалната агенцијата за обезбедување „Код Секјутирити Груп“ на СДСМ, утринава го нападнал локалниот бизнисмен Митко Ѓорѓиев, кој пред неколку месеци ги обвини Зоран и Вице Заеви за лихварство.
Поради константните закани од Заеви, Ѓорѓиев, кој има и бугарско државјанство, се преселил во Бугарија. За последниов инцидент се заинтересирала и бугарската амбасада која застанала во заштита на својот државјанин и побарала информации од полицијата.
Бев утрово во продавница и на излегување од зад грб бев нападнат и удрен од обезбедувачите на Заеви. Успеав да се одбранам, но случајот го пријавив во полицијата. Бев и на лекар, а утре треба да направам преглед на увото за да видам да не има некое оштетување, изјави Ѓорѓиев за НетПрес.
Инцидентот го потврдија и од МВР.
Околу 11.15 часот на улицата Балканска лицето А.Б. физички го нападнало М.Ѓ., кој го пријавил случајот во полицијата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.
Како што пишуваше НетПрес, „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица е најновата агенција за обезбедување под контрола на СДСМ, а во која се директно инволвирани вработени во Шестата управа на МВР. Во неа се вработени полицајци од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев, а кои работат на диво бидејќи МВР не им издало дозвола за работа.
Сепак, од она што може да се забележи низ Струмица, агенцијата „Код Секјурити Груп“ обезбедува мобиларници, кафулиња, пицерии, бутици, дискотеки… На сите објекти кои се под нивна заштита стојат залепени етикети со нивното лого.
Ме нападна со тупаници по главата од зад грб и почна да ме навредува„ Бугарин“, оди си во Бугарија и слично. Ова е прв пат физички да ме нападнат, иако постојано трпам притисок, и јас и семејството. Сакаат да ме замолчат зошто ја зборувам вистината. Државата треба сериозно да се нафати да провери што се случува во Струмица и да интервенира. Речиси нема куќа во градот која на некој начин не е под лихва на Заеви. Само јас се одважив да зборувам за тоа. Неодамна ми рекоа да излезам на телевизија и да му се извинам на Вице Заев за да се помириме, но јас нема тоа да го направам. Имам и судска потврда од вештак дека сум во право и дека бев жртва на лихва, вели бизнисменот.
Тој вели дека не може да се отвори бизнис, ако прво не се помине од кај Заеви, па затоа бизнисот со туризам го префрлил во Бугарија.
Од МВР досега немаме одговор дали и што полицијата прави да ги санкционира „рекетарите“ од „Код Секјурити Груп“ бидејќи сеуште работат на диво, па практично работите за кои се ангажирани, односно наплатиле за нивните услуги претставуваат класичен рекет.
Од министерството не добивме одговор ниту дали Александар Трајков, познат во јавноста како телохранителот на Заев, кој го придружуваше и пред да стане премиер, потоа Николчо Колев и Стево Трајков, и двајцата исто така обезбедување на претседателот на СДСМ се вработени во полицијата. Александар Трајков, неофицијално, не е повеќе вработен во МВР, но не е познато дали бил кога била основана агенцијата во јули годинава.
Според Законот за приватното обезбедување, дозвола за работа на агенциите им издава МВР, а сите правни лица кои дејноста приватно обезбедување ја вршат во вид на давање на услуги се здружуваат во Комората заради заштита и унапредување на стручноста, професионалноста и деловноста и заради заштита на професијата.
Од ова произлегува дека „Код Секјурити Груп“ работел, или се уште работи на диво, па практично работите за кои биле ангажирани, односно наплатиле за нивните услуги претставуваат класичен рекет.
Заедно со тројцата полицајци, како основач и вработен во агенцијата се јавува и струмичанецот Лазо Котуровиќ викан Д’лгиот, своевремено дел од личното обезбедување на Заев. Тој е повеќе пати осудуван за различни кривични дела, така што е незаконски и неговиот ангажман во „Код Секјурити Груп“. Според Законот за приватно обезбедување, лиценца не може да добие лице кое е осудено со правосилна судска пресуда или против него се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност.