Општина Кисела Вода ќе го реконструира училиштето “Круме Кепески”. Проектот, има за цел да овозможи подобрување на условите во основното училиште, преку примена на мерки за енергетска ефикасност, што е стратешка насока на оваа локална самоуправа.
Воедно, ова е проект, што ќе се спроведе како дел од програмата на Секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода, а во кој средствата за негова реализација, во износ од вкупно 11. 300 000 денари, се обезбедени од три субјекти. Ќе се искористат буџетски средства на општината, парични средства од приватна компанија и од меѓународна институција.
За замена на постојните со нови фасадни столарски и браварски елементи и замена на дел од застаклените површини, општина Кисела Вода ќе инвестира од сопствениот буџет околу 4 милиони денари.
Паричните средства за изведба на фасадна топлинска изолација, во вредност од 3.800 000 денари ги обезбедува АД Цементарница Усје, како дел од нивната стратегија за општествена одговорност. Оваа компанија, преку ставањето на потписот за уште една соработка со општината, во спроведувањето на мерките за подобрување на условите за живот и работa на жителите на Кисела Вода, во случајов, учениците од ООУ Круме Кепески, уште еднаш ќе ја потврди својата политика на одговорно корпоративно општествено работење.
Третата фаза од обновата на објектот на училиштето опфаќа замена на постојниот кровен покрив и топлинска изолација на кровната плоча, што ќе се работи во финансиско партнерство со УНДП. Со оваа меѓународна институција, општина Кисела Вода веќе има остварено повеќе успешни проекти на полето на енергетската ефикасност. За можноста преку уште една соработка, да се поддржи и инвестира во енергетската ефикасност, како стратегија за развој на општината, овие две институции веќе го потпишаа договорот, кој е во вкупна вредност од 3 500 000 денари.
Градежните активности за реконструкција на објектот на ООУ ”Круме Кепески” ќе течат во текот на летниот период, за време на летниот распуст, со што, учениците кои тука посетуваат настава, новата учебна година ќе ја започнат во реконструиран објект. ООУ “Круме Кепески” е изградено во 1961-та година. Во него настава посетуваат околу 700 ученици.