Ќе се гради нов Ургентен центар, во рамки на Општата болница во Куманово. Во тек е изработка на основен проект, а идејниот проект е веќе изработен.
Ќе се добие целина на нов Ургентен центар
Објектот ќе се состои со приземје и кат со површина од околу 600 метри квадратни и ќе се гради до местото каде што се наоѓаат постојните ургентни амбуланти на Интернистичкиот оддел, така што овие објекти ќе се поврзат и ќе се добие една целина на нов Ургентен центар. Новиот Ургентен хируршки центар ќе содржи итна хируршка амбуланта, соба за дневна болница, ортопедска амбуланта, уролошка амбуланта, анестезиолошка амбуланта и други простории. Ова ќе биде дополнително на веќе постоечки амбуланти на интернистичкиот оддел, објави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
Исто така во Ургентниот центар ќе има комплетна дијагностика и за хируршки и за интернистички ургентни состојби, со што во објектот ќе бидат поставени и рендген апарати и апаратот за компјутеризираната томографија.
Објектот готов до 2016
Инвестицијата за реконструкција на оваа болница во Куманово е вредна нешто повеќе од 20 милиони денари, а се очекува објектот да биде готово до крајот на 2016 година.
Болницата ќе добие и нова опрема
Министерството за здравство веќе распиша тендер и отпочна постапка за набавка на нова опрема во вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Станува збор за следните апарати EEMG апарат, хируршка опрема која опфаќа опрема за затворање на крвни садови во тек на интервенција, пнеуматски туби, респиратор, перфузори, инфузомати, сет лабароскопски инструменти, греач за тело, апарат за компресија на нозе и така натаму, додава Тодоров.
Реконструкција на болницата „Св. Еразмо“ во Охрид
Премиерот Никола Груевски од големиот народен собир во Охрид пред неколку месеци најави целосна реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“.
Сакам да објавам дека ќе се отпочне со проект за целосна реконструкција, адаптација и доградба на објектот на оваа болница за што ќе бидат инвестирани околу 3.5 милиони евра. Во фаза е изработка на основен проект, а почетокот на првата фаза од градежните работи ќе започне наредната година, рече премиерот.
Современа опрема за Клиничката болница во Битола
Набавена и инсталирана е најсовремена медицинска опрема за Клиничката болница во Битола во вредност од над 6 милиони евра, меѓу кои и ангиограф за интервентна кардиологија, апарат за компјутеризирана томографија, апарат за магнетна резонанца, аналоген мамографски систем, апарат за литотрипсија, кардиолошки ултразвук, гинеколошки ултразвучен 4D ехо апарат, инкубатори за недоносени новороденчиња со пациент монитор, и останата опрема, истакна премиерот Груевски на народниот собир во овој град.
Премиерот Никола Груевски исто така најави и реконструкција на општата болница во Струмица.
Министерот за здравство, Никола Тодоров минатата недела ги појасни деталите околу новата опрема и реконструкцијата на поранешната градска болница, сега „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Инвестиција вредна над 140 милиони денари
Ќе инвестираме околу 140 милиони денари или околу 2,3 милиони евра во комплетна реконструкција на внатрешноста на установата и за набавка на нова медицинска опрема за хируршките сали и за Центарот за изгореници, изјави Тодоров.
Околу 4.000 операции годишно
Старат градска болница или поново „Свети Наум Охридски“ има капацитет за над 220 илјади пацинти, а во неа се изведуваат околу 4 илјади операции на годишно ниво.
Болницата внатрешно не била реновирана повеќе од 80 години, а во 2002. година е поставена нова фасада.