Рекорден број мигранти го преминаа Панамскиот провлак

Бројот на луѓе кои го преминаа опасниот Панамски провлак (копнен теснец) што ги поврзува Панама и Колумбија достигна рекордно високо ниво од 400.000 луѓе заклучно со септември, покажаа официјалните податоци.

Повеќе од половина од овие мигранти се деца и бебиња, се вели во соопштението на панамското Министерство за безбедност, додавајќи дека само во септември бројот на премини се зголемил за една петтина во споредба со претходниот месец.

Бројката од 402.300 мигранти од почетокот на годината е речиси двојно поголема од таа за целата 2022 година. Во април Обединетите нации процениле дека бројот на мигранти за цела година ќе биде 400.000.

Повеќето од мигрантите кои минуваат низ опасниот дел од џунглата доаѓаат од Венецуела, а другите се од Еквадор, Хаити и други земји, соопшти панамското Министерство за безбедност.

Претходно овој месец, Панама објави мерки за запирање на порастот на миграцијата, вклучително и депортирање на повеќе луѓе со криминално досие и ограничување на бројот на ноќевања за туристите. Мерките следуваат по двомесечната програма започната во април од Соединетите држави, Панама и Колумбија за справување со недокументираната имиграција.

Костарика, уште една транзитна земја за мигранти, прогласи вонредна состојба на почетокот на оваа седмица. Претседателот Родриго Чавес рече дека ќе го посети Панамскиот провлак на почетокот на октомври во обид да ја запре мигрантската криза.

Во мај, САД воведоа нови политики за спречување илегални преминувања, вклучително и депортирање на мигранти и забрана за повторен влез на пет години, додека администрацијата на Бајден се бореше со рекордната миграција. Построгите мерки првично ја намалија стапката на гранични премини за околу 70 отсто, но бројот на мигранти кои пристигнуваат на границата на САД со Мексико неодамна се зголеми, што укажува на тоа дека ефектот на раното одвраќање се губи.

Некои африкански и кубански мигранти и баратели на азил, кои се упатуваат кон Соединетите држави, изјавиле за Reuters дека преминале кон Никарагва за да ги избегнат опасностите од Панамскиот провлак.