Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 4.608 нови случаи на Ковид-19, што претставува и нов негативен рекорд за земјата по дневен број новозаразени од почетокот на пандемијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Досега, најголем број нови случаи (4.340) имаше на 30 март годинава.
Зголемен е и бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците, вкупно 326, седум повеќе од вчера, а за 9,74 отсто се зголемил бројот на пациенти примени во болниците.
Во изминатото деноноќие починаа 32 лица, со што бројот на починати од Ковид-19 се зголеми на 13.466 лица.
Паралелно, направен е и голем број тестови, вкупно 121.881, од кои 98.014 се рапид, а останатите ПЦР.
Од новите случаи, 27 се увезени, 1.096 се во областа Атика, поширокиот дел на Атина, 402 во Солун и 344 на Крит.