Рекорден број заразени во Холандија, нема доволно тестови

Бројот на новозаразените со коронавирусот во Холандија веќе трет ден по ред бележи рекордни нивоа, објави во четвртокот холандското министерство за здравство, предупредувајќи дека капацитетите за тестирање не се доволни за очекуваниот бран на заразата во месеците кои доаѓаат.

Дневните бројки на заразените пораснаа во Холандија последните седмици, достигнувајќи во четвртокот 1.753 новозаразени, односно вкупно 88.073 од почетокот на епидемијата во земјата, од кои починале околу 6.300 пациенти.

Белгија и Германија ги советуваа во средата своите државјани да не патуваат во холандските градови Амстердам и Ротердам и нивната околина, и донесоа одлуки патниците од овие области да мораат да минат двонеделен карантин.

Капацитетите за тестирање и лабораториските капаците ќе мора да се зголемат од сегашното ниво од околу 30.000 тестови дневно до 55.000 тестирања на ден во ноември, на 70.000 во декември и 85.000 тестирања дневно од февруари, истакнува министерството.

„Правиме сѐ што можеме за да ги зголемиме нашите капацитети, но сѐ уште не се доволни“, изјави холандскиот премиер Марк Руте во дискусијата во холандскиот парламент во четвртокот.

Холанѓаните веќе со денови мора да чекаат за да се тестираат на коронавирусот, а властите велат дека на тестирањата се јавуваат премногу лица без очигледни симптоми на Covid-19. Поради тоа советуваат да се тестираат само оние кои имаат сериозни здравствени проблеми.