Рекордни 114 милиони луѓе присилно раселени во светот

Повеќе од 114 милиони луѓе во светот во моментов се присилно раселени, што е најголем број досега, објавија во средата Обединетите нации.

„Бројот на раселени лица поради војна, прогон, насилство и кршење на човековите права во светот веројатно надмина 114 милиони на крајот на септември“, соопшти агенцијата за бегалци на ОН (UNHCR).

Во првата половина на 2023 година, главната причина за раселување на населението беа конфликтите во Украина, Судан, Мјанмар и Демократска Република Конго, но и долгорочната хуманитарна криза во Авганистан и комбинацијата од суша, поплави и несигурност во Сомалија. .

Повеќе од половина од раселените мораа да ја преминат границата, додава агенцијата. Речиси една третина од раселените во светот се жители на три земји: Авганистан, Сирија и Украина.

„Вниманието на светот во моментов е насочено кон хуманитарната катастрофа во Газа. Но, на меѓународно ниво, многу конфликти се шират и се интензивираат, одземајќи невини животи и принудувајќи ги луѓето од нивните татковини“, рече шефот на агенцијата на ОН, Филипо Гранди.

Во својот извештај, кој дава податоци за првата половина на 2023 година, UNHCR проценува дека во светот во средината на јуни имало 110 милиони раселени лица, што е за 1,6 милиони повеќе отколку во истиот период во претходната 2022 година.

Агенцијата забележува дека во следните три месеца тој број уште повеќе се зголемил и на крајот на септември достигна 114 милиони.

Според тоа, таа проценка не ги зема предвид 1,4 милиони Палестинци кои, според ОН, беа раселени во Појасот Газа по 7-ми октомври, кога започна војната меѓу Израел и Хамас.