![siti notingem](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/siti-notingem.jpg?resize=678%2C413&ssl=1)
Во последниот натпревар од третото коло на англиското фудбалско првенство Њукасл Јунајтед и Манчестер одиграа возбудлив и содржински богат натпревар кој заврши без победник 3:3.
Во дуелот подобро влегоа гостите кои поведоа веќе во 5 минута преку Илкај Гундоган. Меѓутоа, домашните одговорија фантастично, ја преземаа контролата над играта, напаѓаа и го присилија актуелниот првак да се повлече на својата половина. Таквиот пристап по неколкуте нереализирани шанси резултираше со израмнување во 28 минута преку Мигуел Алмирон, а веќе во 39 минута и со резултатски пресврт во полза на домашните кога погоди Калум Вилсон.
На почетокот од вториот дел во 54 минута, со одлично изведен слободен удар на Киеран Трипие Нукасл го удвои водството. Но набрзо се тргна од летаргијата и Сити. Прво Ерлинг Халанд во 60 минута од мешаница во казнетиот простор намали на 2:3, а веќе пет минути подоцна Бернардо Силва на одличното додавање на Кевин де Брујне израмни на 3:3. Њукасл до крајот на мечот успеа да го издржи налетот на Сити и да сочува бод.
Претходно играчите на Лидс Јунајтед на својот „Иланд Роуд“ успеаја да го совладаат речиси по две децении Челзи и тоа со високи 3:0.
По половина час игра во 33 минута патот на Лидс кон големата победа го отвори гостинскиот голман Менди кој катастрофално згреши, се обиде во петерецот да го дрибла домашниот напаѓач Бренден Ааронсон кој му ја одзема топката и пласираше за водство. Само четири минути подоцна Родриго Морено со убав удар со глава го удвои водството, а конечните 3:0 ги постави Џек Харисон во 69 минута. Агонијата на Челзи на овој меч беше зачинета и со исклучувањето поради два жолти картона на Калиду Кулибали во 84 минута.
Одличниот почеток на сезоната го продолжи Брајтон енд Хоув Албион кој во Лондон го совлада со 2:0 Вест Хем Јунајтед. Тимот од југот на Англија дојде во водство во 22 минута кога стартот на Тило Кеврер врз Велбек на работ од шеснаесетник беше проценет како прекршок за најстрога казна а сигурен реализатор беше Алексис Мек Алистер. Конечниот резултат во 66 минута го постави Леандро Тросадр по одличното проигрување од Грос.
Манчестер Сити, Лидс Јунајтед и Брајтон со победите му се придружија на Тотенхем, сите четири тима имаат по седум бодови, два помалку од водечкиот Арсенал.
Њукасл е шести со пет бодови, Челзи е 12-ти со четири бодови, а Вест Хем остана на дното без бодови и без постигнат погодок.