„Античката историја скриена во најстарото езеро во Европа“ е насловот на видео–репортажата што ја објави британскиот јавен сервис BBC во саботата на својата интерент страница во рамки на таканареченото Травел шоу.
„Ова е најстарото езеро во Европа. И средината околу него е стара, исто така. Дури и Охрид бил град уште во времето на таткото на Александар Македонски, Филип, во четвриот век пред Христа“, вели авторката на почетокот од репортажата. Токму историјата, нагласува, е причината поради која туристите сакаат да доѓаат во Охрид.
Нејзиниот соговорник, Јован Стојаноски, туристички превезувач со кајче, истакнува дека токму античкото наследство и традицијата се најпривлечни за посетителите.
„Повеќето туристи сакаат да ги почувствуваат и доживеат работите од античко време, да ја видат тукашната култура, вели Стојаноски и додава дека е особено горд што е од Охрид.
Освен убавините на езерото, репортажата ја прикажува и можноста да се нурка и да се видат подводните историски остатоци, а завршува со посетата на праисториската наколна населба, уште наречена Музеј на вода или Заливот на коските.
Не мора да одиме далеку за да најдеме остатоци од античката историја на Охрид, напоменува авторката, која, како што додава, е одушевена од бистрата вода не успеала веднаш да ги забележи првите артефакти на кои наишла при нуркањето. Гледајќи „со голо око“, заклучува, шармот на Охридското Езеро лежи во примамливиот пејсаж над водата, но неговата вистинска убавина лежи под површината.