Репортери без граници: Во Мексико во 2022 убиени најмногу медиумски работници

Мексико е земјата во која се убиени најмногу новинари во 2022 година, се вели во најновиот извештај на Репортери без граници (РСФ).

Во извештајот на РСФ се документирани алармантни докази за киднапирања, напади и апсења на медиумски работници, а во периодот од почетокот на јануари до 1 декември 2022 година се регистрирани 11 убиства на медиумски работници од земјите од Латинска Америка, односно приближно 20 отсто од вкупниот број на убиени новинари во светот.

– Притисоците на граѓанското општество и меѓународните организации и механизмите за заштита што ги применуваат локалните власти не беа доволни, се наведува во извештајот на РСФ.

Во светот, во РСФ биле пријавени 57 убиства на новинари, или 18,8 отсто повеќе отколку во 2021 година, но се смета дека ова зголемување се должи на вооружениот конфликт во Украина.

Сепак, речиси половина од убиствата на новинари се случиле во земјите од Северна и Јужна Америка.

Земјите зафатени од насилство, како што се на пример Хаити, Никарагва и Бразил се сметаат за најризични за спроведување истраги за проблеми поврзани со организираниот криминал, бандите и корупцијата, стои во извештајот.

Во документот конкретно се наведуваат убиствата на тројца новинари во Бразил, кои известувале за нелегална сеча и уништување на шумите во Амазон.

Организацијата РСФ во својот извештај наведува дека 49 медиумски работници исчезнале ширум светот, а 65 од нив се киднапирани.