Владата на Република Српска во четвртокот донесе одлука за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија во Босна и Херцеговина, на што американската страна веднаш одговори со порака дека ентитетот тргнал по „опасен пат“.
Прекин на соработката со американските и британските дипломати во Босна и Херцеговина, претходно најави претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој е под санкции на САД и Велика Британија од 2017 и од 2022 година, откако Вашингтон и Лондон одлучија да го санкционираат обвинувајќи го за „сецесионистичка реторика, поткопува на Дејтонскиот договор и за корупција“.
Оттогаш Додик е во постојана вербална војна со дипломатските претставници на овие две влијателни западни земји, а сега ги наведе властите на Република Српска да донесат одлука да ја прекинат комуникацијата со нив под обвинение дека се мешаат во внатрешните работи на БиХ.
„Владата ќе ги информираше надлежните органи на САД и Велика Британија за прекин на соработката со амбасадите на САД и Велика Британија поради нивните антидејтонски активности и кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението на владата на ентитетот кое го објави во четвртокот со образложение дека оваа одлука ги обврзува и политичарите од Република Српска кои се функционери на државно ниво на БиХ.
Самиот Додик во посебна изјава ја поврза оваа одлука со помошта што Западот ѝ ја дава на Украина наспроти руската интервенција, а особено жестоко ја коментираше најавата дека Велика Британија може да достави муниција со осиромашен ураниум за украинската војска, каква што НАТО користел притив српските сили во БиХ и при бомбардирањето на пораншена СР Југославија во 1999 година.
„Тоа е нашиот однос кон оние злосторници кои се подготвени да користат осиромашен ураниум“, рече Додик, кој отворено се залага за проруски позиции од почетокот на војната во Украина.
На одлуката на властите на Република Српска зад која стои Додик реагираше американската амбасада со објава на социјалните мрежи во која посочија дека тоа е „уште еден опасен чекор на погрешен пат“.
„Тоа е патот на изолација и автократско владеење“, му порачаа на Додик, додавајќи дека тој „очајно се обидува да го одржи својот корумпиран режим“.