Републиканските предизбори може да завршат веќе во Њу Хемпшир

Републиканските и демократските гласачи ќе одлучуваат за нивните претседателски кандидати на прелиминарните избори во Њу Хемпшир во вторник. Доколку Доналд Трамп убедливо го победи единствениот противник Ники Хејли, на републиканската страна практично сѐ може да биде готово, а Џо Бајден и онака нема сериозна конкуренција меѓу демократите.

Доналд Трамп се надева дека ќе ја запечати трката за номинација за републиканските прелиминарни избори во Њу Хемпшир уште во вторникот, каде неговата ривалка Ники Хејли по повлекувањето на гувернерот на Флорида Рон ДеСантис му е последната пречка за номинацијата.

ДеСантис, кој се чинеше дека беше сериозна закана за Трамп минатата година, се лизна веќе на првите прелиминарни избори во Ајова, каде што инвестираше многу и заостана зад Трамп за 30 процентни поени. Затоа и се повлече во неделата. „Јасно ми е дека мнозинството републикански прелиминарни гласачи сакаат да му дадат уште една шанса на Доналд Трамп“, објасни тој на мрежата X.

За поранешната гувернерка на сојузната држава Јужна Каролина и американска амбасадорка во Обединетите нации во мандатот на Трамп – Ники Хејли, родена како Нимарата Рандхава, анкетите предвидуваат дека би можела многу подобро да мине во Њу Хемпшир. Во просекот од сите анкети, нејзината поддршка е зголемена од 15 отсто во октомври минатата година на сегашните 35 отсто, а во некои минорни исклучоци во анектите на американските мејнстрим медиуми таа е дури и практично е израмнета со Трамп.

Во нејзина полза е и фактот што и независните и демократските гласачи можат да учествуваат на републиканските прелиминарни избори во Њу Хемпшир, за разлика од Ајова каде што можеа да гласаат само регистрираните републикански гласачи.

Според повеќето американски аналитичари, убедлива победа на Трамп во Њу Хемпшир веднаш ќе ја заврши трката меѓу републиканците, бидејќи Јужна Каролина е следна во редот, каде Трамп има 60 отсто поддршка, според анкетите. Поддржувачите на Трамп веќе бараат Хејли да се повлече и да не се срами од поразот во нејзината матична држава.

Затоа Доналд Трамп неодамна ги засили своите напади врз Хејли, која ја именуваше за амбасадор во ОН во 2017 година. „Јас ја познавам многу добро. Таа не е доволно цврста. Не е доволно паметна“, им рече тој на приврзаниците на митингот во Конкорд, главниот град на Њу Хемпшир.

Таа, од друга страна, се обидува да го искористи фактот што 77-годишниот Трамп ја помешал со Ненси Пелоси, поранешната демократска претседателка на Претставничкиот дом. „Тој едноставно не е на истото ниво како во 2016 година. Мислам дека можете да го видите тој ментален пад“, рече таа за телевизиската мрежа CBS News, доведувајќи ја во порашање неговата когнитивна способност имајќи ја предвид неговата возраст.

Во споредба со поконзервативните држави, полибералниот Њу Хемпшир е подобар показател за можниот изборен успех на национално ниво и го одредува тонот за претстојните избори, проценуваат либералните аналитичари.

„Мислам дека би било одлично да ја има Ники Хејли за претседател. Таа е одлична. Ми се допаѓа она за што се залага. Мислам дека има шанса во Њу Хемпшир“, изјави за AFP младата 18-годишната републиканка Медисон Гилис, која ќе гласа првпат во вторник.

Целта на Трамп е да ја обезбеди номинацијата што е можно поскоро, бидејќи неговиот судски часовник отчукува. Месецот март ќе го означи отворањето на два нови кривични судски процеса против него, вклучително и едниот за наводен обид за промена на резултатите од изборите во 2020 година.