Ревизорите не пронашле докази дека се копале криптовалути во ГТЦ и се крадела струја

-Во периодот на вршење на ревизијата во СВР Скопје е пријавена кражба на електрична енергија поради наводна интернет трговија со крипто валути. Согласно издаденото Соопштение на МВР од 16.11.2021 година, од страна на СВР Скопје е постапено и е утврдено дека: „ не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик, односно не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање на крипто валути во просторот на Градскиот трговски центар Скопје.

Ова се наведува во конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата на усогласеност за 2020 година на Градски трговски центар АД, за издавање на деловен простор под закуп Скопје, објавен од Државниот завод за ревизија.

Во ревизорскиот извештај стои дека финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на Градски трговски центар, АД за издавање на деловен простор под закуп, Скопје се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

Финансиските извештаи не ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на ГТЦ АД за издавање на деловен простор под закуп, Скопје на ден 31 декември 2020 година, како и финансиската успешност и паричните текови за годината која завршува со тој датум, во согласност со применливата рамка за известување.

Постојат недоследности во начинот на спроведување на пописот на средствата и изворите на средствата и отстранувањето на средствата од сметководствената евиденција на расходуваните средства без истите да бидат физички отстранети, се посочува во извештајот и тоа; дел од залихите се застарени; не е извршено запишување на правото на сопственост на земјиштето и на дел од деловниот простор на деловниот објект; не е реално и објективно искажана вредноста во финансиските извештаи на деловниот објект – Градски трговски центар; постои неусогласеност меѓу вредноста на основната главнина евидентирана во трговските книги и запишаниот основачки влог во Централниот регистар на РСМ и во Статутот на друштвото и недоследности при спроведувањето на ЗЈН.