Долготрајните инфлациски притисоци предизвикани од тековните геополитички тензии и енергетската криза продолжија да создаваат предизвици за економијата во текот на првиот квартал од 2023 година.
Санкциите воведени од ЕУ и нафтеното ембарго ги натераа повеќето европски земји да престанат да увезуваат руски нафтени производи и гас, што предизвика нерамнотежа меѓу побарувачката и понудата.
И покрај конкурентното опкружување полно со предизвици, каде што компанијата работи на пазарите во Република Северна Македонија и Косово, ОКТА продолжува да биде лидер во снабдувањето со горива и успеа да го зголеми прометот за 7% во првиот квартал на 2023 година, споредено со истиот период минатата година.
Обемот на продажба во првиот квартал од 2023 година изнесуваше 308 илјади м³, што е зголемување од 13% споредено со првиот квартал од минатата година. Производите беа пласирани на двата пазари на кои компанијата традиционално е присутна (домашниот и извозниот), при што извозот имаше удел од 24% во вкупниот обем на продажба.
Бруто маржата достигна 175 милиони денари, што претставува намалување од 72% споредено со истиот период од 2022 година, главно поради падот на меѓународните цени на горивата, што доведе до исправка на вредноста на залихите на ОКТА од 8 милиони денари и негативен ефект од нивното вреднување во висина од 128 милиони денари. ЕБИТДА изнесува 77 милиони денари, значајно намалена во споредба со истиот период минатата година, бидејќи на првиот квартал од 2022 година, позитивно влијаеја придобивките од вреднувањето на залихите од 417 милиони денари.
Добивката пред оданочување изнесува 37 милиони денари. Прилагодената ЕБИТДА во првиот квартал од 2023 година, изнесува 213 милиони денари, што претставува зголемување од 94% споредено со истиот период минатата година.
ОКТА ја започна годината со Божиќна донација за поддршка на ранливите категории на граѓани за време на празниците. Со помош на екипите на Црвениот крст, пакети со прехранбени производи беа доставени до социјално ранливи категории на население.
Во рамките на платформата за безбедност во сообраќајот „Јас Внимавам“, ОКТА го поддржа процесот на едукација и обука за стекнување на возачка дозвола на десет членови на Здружението „За тебе“, со што придонесе за нивниот личен и професионален развој. По повод 45 годишниот јубилеј на ОКТА и како дел од платформата „Јас Внимавам“, компанијата во соработка со Центарот за кариера при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје распиша награден конкурс за изработка на идеен проект за иновативно решение за фотоволтаичен полнач и паркинг за велосипеди и електрични тротинети. Првонаградениот проект ќе биде изграден во кампусот на УКИМ, како донација од ОКТА.
Целта на компанијата е да остане лидер на локалниот пазар, обезбедувајќи редовно и непречено снабдување на горива со највисок квалитет на своите клиенти на пазарите на кои работи, додека напредува со своите иницијативи за автоматизација кои ќе ја оптимизираат организацијата, намалувајќи ја базата на трошоци и поставувајќи цврсти темели за идни резултати.