Резултатите од парламентарните избори не навестуваат политичка стабилност во Црна Гора

Резултатите од парламентарните избори, како што се чини, нема да ја донесат долгоочекуваната политичка стабилност во Црна Гора, оценуваат ден по изборите во понеделникот медиумите во Подгорица откако Движењето Европа сега (ПЕС) постигна тесна победа на вонредните парламентарни избори одржани во неделата.

Движењето Европа сега освои 24 пратенички места, од вкупно 81 во црногорскиот парламент.

Станува збор за партија која произлезе од првата црногорска влада по изборите во 2020 година, која беше формирана со силно влијание на Српската православна црква. Движењето Еропа сега доби поддршка на крилата на популистичките мерки за зголемување на минималната плата во Црна Гора, а за време на изборната кампања партијата вети дека ќе ја зголеми просечната плата на 1.000 евра, а минималната пензија на 450. ПЕС го поддржува европскиот пат на Црна Гора и се залага еден вид нормализирање на односите со Србија, по период на напнати односи во ерата на Мило Ѓукановиќ.

Најстабилна влада, според освоените пратеници, би била коалицијата на ова движење со Демократската партија на социјалистите (ДПС) на поранешниот лидер Мило Ѓукановиќ, која освои 21 мандат, но лидерот на Движењето Европа сега, Милојко Спајиќ, во своето прво обраќање по објавувањето на резлтатите категорички ја отфрли таа можност.

„Јасно е со кого нема да формираме влада, тоа е Демократската партија на социјалистите и со Обединетата реформска акција (УРА)“, на досегашниот технички премиер во заминување Дритан Абазовиќ, рече Спајиќ.

Со ова, како што се оценува, тој ја отфрли можноста Црна Гора да ја добие единствената стабилна коалиција која со поддршка на малцинските партии би можела на таа земја да ѝ донесе политичка стабилност во следните четири години.

Спајиќ ќе мора да бара мнозинство во преговорите со просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“, која беше формирана од партиите кои претходно го формираа Демократскиот фронт, кој се распадна пред изборите, а кој освои 14 мандати. Лидерите на таа коалиција, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ се блиски со српскиот претседател Александар Вучиќ, а во нивната агенда е и барањето за повлекување на црногорското признавање на независноста на Косово. Оваа иницијатива ја формулираа на ниво на општина Зета со 15.000 жители, каде што се локална власт.

Центристичката коалиција Демократска Црна Гора на Алекса Бечиќ, која заедно со Обединетата реформска акција на Дритан Абазовиќ освои 12 мандати, би можела да биде партнер на Движењето Европа сега.

Но, тука има и проблем. Спајиќ го обвини сѐ уште техничкиот премиер Абазовиќ дека ја „произвел“ аферата во последната седмица од изборната кампања, во која лидерот на Движењето Европа сега е обвинет за соработка со меѓународниот бегалец, јужнокорејскиот „крал на криптовалутите“ До Квон, кој е во притвор во Црна Гора а кого го бараат САД и Јужна Кореја за измама на пазарот на криптовалути.

Поради ова, Спајиќ во својот говор ја отфрли можноста за соработка со Абазовиќ, наведувајќи дека новата влада нема да работи со неговата УРА.

Аналитичарите не ја исклучуваат можноста да не се формира нова влада во законскиот рок и наесен повторно да се одржат парламентарни избори.

Излезноста на гласачите на вчерашните избори беше околу 55 отсто, што е историски најнискиот одзив на изборачите во Црна Гора.

Аналитичарите сметаат дека причината за тоа е заситеноста на црногорските граѓани со политика бидејќи тие излегле на гласање три пати во 10 месеци, гласајќи на локални избори, во два круга на претседателски и на крајот на парламентарни избори.

Од друга страна, пак, партиите на малцинствата остварија историски резултати. Така, извесно е дека новата влада нема да може да се формира без поддршката од малцинствата, бидејќи партиите на Хрватите, Бошњаците и Албанците првпат освоија вкупно 10 мандати.

Бошњачката партија, која имаше два мандата во претходното свикување на парламентот, во неделата освои шест и го постигна својот најдобар резултат. Албанските партии ќе имаат три мандати, а Хрватската граѓанска иницијатива ќе има еден мандат.