Рикардо: Болидот ми е проколнат

Возачот на „Ред Бул“, Даниел Рикардо рече дека е подготвен уште сега да му го предаде својот болид на наследникот Пјер Гасли по уште еден механички проблем, поради кој остана без подиум и на трката за Големата награда на Мексико.

Рикардо во моментот на дефектот беше втор и се трудеше да се одбрани од нападите на Себастијан Фетел, а ова му беше шесто откажување во последните 11 трки.
Австралиецот на крајот на сезоната ќе го напушти „Ред Бул“ и кариерата ќе ја продолжи во „Рено“, а во австрискиот тим ќе го замени Гасли, сегашниот пилот на „Торо Росо“.

Мислам дека „фрустрацијата“ веќе не е вистинскиот збор. Се чувствувам беспомошно. Во овој момент не гледам зошто би требало во недела да излезам на патеката, не ја гледам поента да ги возам следните две трки. Толку долго немав трки или викенд без никакви проблеми. Не сум суеверен, не верувам во такви с…а, но овој автомобил е проколнат,рече Рикардо.

Тој ја освои пол-позицијата во Мексико Сити, но лошо стартуваше и неговиот тимски колега Макс Верстапен и возачот на „мерцедес“, Луис Хамилтон без проблеми успеја да го престигнат.

Секој пат кога вежбав добро стартував, но кога дојде времето за трка ништо не работеше. Работите се случуваат во недела и сосема се необјасниви. Нека го преземе Газли, јас завршив со него , истакна Рикардо.

Шефот на „Ред Бул“, Кристијан Хорнер изјави по трката дека Рикардо најверојатно имал проблеми со хидрауликата и го пофали „Рено“ за моторот со Верстапен славеше на 19 трка од сезоната.